Заев со Шеќеринска, Ивановски, Јовановски и Наумов- ова се кандидатите за фотељата на Црвенковски
Струмичкиот градоначалник Зоран Заев во комбинација со искусната евроинтегративка Радмила Шеќеринска, потпретседателите Игор Ивановски и Зоран Јовановски како и поранешниот советник на Црвенковски и екс-директор на Агенцијата за разузнавање Кире Наумов се претендентите за претседателската функција во најголемата опозициска партија.
Само ден по најавата на досегашниот лидер за повлекување од челната позиција, се официјализираат кандидатурите за негов наследник.
Зоран Заев и Радмила Шеќеринска влегуваат во трката како пар- Заев со искуството како менаџер во локалната самоуправа а Шеќеринска како искусен евроинтегративец.
Заев веќе денеска најави позитивна кампања оценувајќи ги како одлични и против-кандидатите и оставајќи на делегатите на Конгресот да го имаат финалниот збор.
Игор Ивановски и Зоран Јовановски кандидатурите ги потврдија преку писмени изјави.
- По заминувањето на најсилното персонално решение на СДСМ, односно Бранко Црвенковски, за партијата ќе биде погрешно претстојниот Конгрес да се сфати само како можност за персонални промени, голи и нефункционални кадровски комбинаторики. Останувам принципиелен на мојот став, дека на СДСМ му треба модерна, темелна и организациска промена. Работам да предложам современ менаџмент и концепт, здрава екипа, која ќе испорачува победи. Ако се прифати тој победнички концепт, ќе оставам членството да одлучи кој човек и тим новиот концепт најдобро ќе го спроведе - изјави Игор Ивановски преку писмено соопштение до медиумите.
- Моето име како кандидат за претседател на СДСМ не се спомнува случајно. Јас до поднесувањето на формалната кандидатура нема да давам изјава, само ќе напоменам дека ја имам поддршката од Гордан Ѓоргиев и Ана Павловска Данева. Најважно е од јунскиот конгрес СДСМ да излезе силна и единствена политичка партија. Ги почитувам сите кандидати и од мене нема да слушнете лош збор за кој било од нив - изјави Зоран Јовановски за Плусинфо.
Кире Наумов кој се јави како претендент за наследник ан Црвенковски уште пред вчерашниот Централен Одбор обелоденува дека веќе го побарал списокто на делегати на Конгресот од Генералниот Секретар на СДСМ Андреј Петров.
„Одамна кажав дека ќе се кандидирам и со таа цел испратив мејл и писмо до генералниот секретар, бидејќи барам да се објави јавно, на Веб страната на СДСМ или мене да ми се даде список на сите делегати, што претставува всушност избирчаки список.
Второ, побарав да ми биде дадена можност во просториите на СДСМ да излезам со прес-конференција на која ќе биде објавена мојата кандидатура. Доколку оваа можност не е искористена од останатите кандидати, тогаш се откажувам од ова мое барање и ќе формирам во други простории штаб каде тоа ќе го сторам.
Инаку, тврдам дека никој не стои зад мене како што беше објавувано, оваа одлука е само моја, но имам поддршка од многу членови, како што и барам поддршка од буквално сите членови: новите, ветераните, избрканите, но и се разбира, неутралните, граѓаните“, изјави Наумов, образложувајќи ја својата кандидатура.