Владиката Петар го уценува Синодот на МПЦ-ОА
Проблемите со г. Петар во Австралија не почнаа поради ангажирање на спорни свештеници, туку поради неговите обиди да ги приграби имотите на Македонските православни црковни општини, спротивно на Уставот на Македонската православна црква-ОА и спротивно на фундаменталните норми и закони според кои тие општини се основани. Вака Игор Аврамовски Александров, претседателот на Здружението на македонски заедници во Австралија го објаснува ставот на владиката Тимотеј, задолжен за координација и администрирање на црквите што не ја признаваат власта на митрополитот Петар, дека Македонците во Австралија треба да се преиспитаат дали навистина сакаат да бидат дел од МПЦ, како и дека се додека таму служат расчинети свештеници, нема да се создадат услови делегација од Синодот да ги посети тамошните црковни општини.
Александров смета дека изјавата на владиката Тимотеј е неминовен одраз на неоснованите претпоставки и притисоци кои ги поставува Синодот, под екстремни уцени на г. Петар.
-Не е во прашање дали македонските верници во Австралија навистина сакаат да бидат дел од Македонската православна црква, туку дали на Синодот на МПЦ му е поважен “мирот во куќата” со еден крајно искомпромитиран владика, Петар Каревски, од што му се важни Уставот, правдата, достоинството, угледот и верниците на МПЦ. Во Член 1 од Уставот на МПЦ пишува дека „Македонската Православна Црква, како автокефална, е дел на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.” Но дали тоа значи дека нашите храмови или нашите свештеници треба да прифаќаат секакви пресуди, налози или диктати на Цариградскиот Патријарх, без разлика колку се тие неправедни, неосновани или неканонски? –прашува Александров.
Пред шест месеци беше постигнат договор меѓу Синодот на МПЦ и претставниците на македонските заедници од Австралија, кој требаше да се води кон конечно надминување на црковниот проблем, но работите на австралискиот континет и понатаму останаа непроменети.
-Сега Синодот прифаќа дека обидите на Петар за приграбување на парите и имотите биле неоправдани, односно ако се откажува од таквата политика, тогаш која е логиката да очекува од нас да признаеме неиздржани „расчинувања“ кои се само нечесен инструмент на таквата политика? Тоа би значело морална и правна капитулација, која не не можеме да си ја дозволиме. Особено не кога сеуште продолжува судскиот процес на Петар против МПЦО Св. Петка од Рокдејл. Во тој судски процес, Петар користи секакво претходно прифаќање на налози на Синодот и надлежниот владика од страна на Св. Петка како доказ дека општината е должна да прифаќа секакви други налози на надлежниот владика. Ако ние сега, без наше автономно преиспитување на основата, прифатиме неиздржани декларации на Петар или на Синодот дека одредени свештеници се расчинети, не само што би потклекнале пред неправедната политика против која се бориме веќе 17 години, туку ги изложуваме останатите општини на законски ризик како оној од кој 16 години страда МПЦО Св. Петка-објаснува Александров.
ДОКАЗИ ЗА НЕВАЛИДНИ РАСЧИНУВАЊА
Му пречи тоа што во јавноста се шпекулира дека во некои цркви служат и свештеници кои од канонски оправдани причини, надвор од непотчинувањето на неправедната политика на Петар, не смеат да го носат свештеничкиот чин. Александров вели дека ако навистина има такви, на Синодот му понудиле разумно решение, односно прво да им достави копии од сите обвиненија, докази, пресуди и транскрипти или записници на кои Архиепископскиот црковно-народен суд се повикал при наводното потвдрување на расчинувањата. Таквите материјали ги побарале од Синодот уште во декември 2012, но се уште не ги добиле.
- Ако Синодот, без образложение го игнорира нашиот предлог за непристрасно и консенсуално преиспитување на „расчинувањата”, тогаш мораме да претпоставиме дека расчинувањата се невалидни политички постапки, односно инструменти на агресијата на Петар. Ние, како демократски избрани и одговорни преставници на црковните општини кои ги застапуваме, не можеме да оправдаме таква неморална, нехристијанска, неуставна и неправедна постапка. Најмалку можеме да оправдаме такво нешто во случај кога воопшто не е повикан на лична одговорност недостојниот владика кој предизвика скандалозен 16-годишен раскол во МПЦ во Австралија, кој го нарушува угледот на МПЦ пред австралиската и пред македонската јавност, кој насилнички го изопачува уставниот поредок на МПЦ, кој се докажал како најголем внатрешен поткопувач на афтокефалноста на МПЦ, кој го донесе Вранишковски во МПЦ и е коавтор на политиката која денес Вранишковски ја води против МПЦ, кој зад грбот на Синодот во Австралија инкорпорирал „Македонска Православна Архиепископија” со чиновници на Грчката патријаршија од Антиох и кој пред цела австралиска јавност се обиде низ парламентот на Нов Јужен Велз да протурка нацрт-закон со изричити одредби за можно ставање на нашите храмови под старателство за некоја друга религија. Доколку некој од преставниците на нашите општини се обиде тоа да го протурка под притисок на Синодот, ќе ја изгуби довербата од заедницата која прифатил да ја застапува и ќе предизвика нов раскол. Со тоа целосно ќе се промаши целта на помирување и соработка на Македонската православна црква во Австралија со Синодот на МПЦ во Македонија-вели Александров.
Целта е, како што вели претседателот на македонските заедници конечно да се регистрира Македонска православна епархија како правно лице во Австралија, во согласност со Член 172 од Уставот на МПЦ и актуелните законски обврски на регистрираните Македонски православни општини во Австралија.
СИНОДОТ ИЗБЕГНУВА ПОСЕТА НА АВСТРАЛИЈА
Александров вели дека е потребно делегација на Синодот да ја посети Австралија, за да се остварат директни консултации со засегнатите црковни општини, како и со надлежни државни органи и угледни правни стручњаци, да постигнеме консензус околу содржината на Уставот, односно стаутот според кој Епархијата би била регистрирана пред надлежните правни органи. При посетата на таквата делегација, може да се разгледа и прашањето околу наводно расчинетите свештеници, како споредна точка. Не постои повеќе никакво оправдување за Синодот да го избегнува тој процес на решавање на суштинските предизвици. За жал, поставувањето на неиздржани ултиматуми околу четири или пет наводно расчинети свештеници, како предуслов за посета на Австралија при која би се дискутирало за сите спорни прашања, наликува како избегнување на таквиот предизвик. А токму тоа го сака Петар, за да може да продолжи да си ја води неговата Епархија “на диво”, да присвојува македонски народни храмови на лични имиња и да сее раздор и омраза, со што се рушат темелите на Македонската православна црвка во Австралија и се исцрпуваат силите кои нашата заедница би требало да ги насочува кон надградба на она што во минатото го постигнала.