Експертите согласни: Еврообврзницата ќе го намали домашното задолжување
Повеќе од двојно е намалено задолжувањето на државата на домашниот пазар за годинава, покажуваат бројките дадени во ребалансот на буџетот. Наместо првичните планирани 18,9 милијарди денари со Буџетот за 2016, издавањето на државните записи за финансирање на буџетот е намалено на 8,4 милијарди денари.
Истовремено Министерството за финансии повлекува многу помали суми од домашниот пазар на капитал, отколку што враќа следниот ден во стопанството. Денес Министерството враќа во стопанството 8,6 милиони евра по основ на доспеани државни хартии од вредност, додека вчера издаде хартии од вредност на 2,2 милиони евра. Ова значи дека нето задолжувањето по основ на државни хартии од вредност со последната аукција се намалило за 6,4 милиони евра, пишува Лидер.
Експертите коментираат дека со издавање на еврообврзницата ќе се внесат свежи средства во стопанството и ќе се намали повлекувањето средства од домашниот пазар на капитал, како што е и предвидено со ребалансот. Со ова ќе им се олесни на фирмите да доаѓаат до кредити, поради поголемата ликвидност на пазарот, што ќе влијае позитивно на економскиот раст.
Со издавањето еврообврзница ќе се намали домашното задолжување, што значи дека помалку ќе се користат домашните извори на финансирање, а со тоа ќе се остават повеќе средства за кредитирање на приватниот сектор.
Зошто еврообврзница?
Владата ја објави одлуката за издавање еврообврзница на вредност до 650 милиони евра. Процедурата треба да биде затворена годинава, а парите со камата ќе се враќаат во период од 10 години.
„Министерството за финансии плаќа камата на еврообврзницата еднаш годишно. Ќе котира и со неа ќе се тргува на Ирската берза за хартии од вредност“ – се вели во одлуката од Владата.
Сепак, крајниот износ на задолжувањето и висината на каматата ќе зависат од понудата и од побарувачката, пишува Лидер.
Макроекономска стабилност во време на криза, економски раст и развој, непречен тек на економските активности, пари за стопанството се само дел од ефектите кои ќе се постигнат со парите од еврообврзницата.
Ова е реалната состојба со долгот
Според последните податоци на Министерството за финансии, а кои се однесуваат на првиот квартал од годинава, државниот долг на крајот на март изнесувал 3,5 милијарди евра, што претставува 36,8 проценти од БДП.
Во ребалансот сумата за домашното задолжување е преполовена. Денеска за враќање на стари долгови, ќе се обезбедат 8,6 милиони евра, односно 4 пати повеќе од тоа што се повлече вчера. На вчерашната аукција на хартии од вредност беа понудени 3 и 12 месечни записи. Банките во целост ги откупија едногодишните записи, а интересот за 3 месечните записи беше помал. Тоа резултираше со нов вкупен заем од 2, 3 милиони евра.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа