Ќе бидат презентирани приоритетите на словачкото претседателство со ЕУ

 

Амбасадорот на Република Словачка во Македонија Мартин Безак денеска пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања ќе ја презентира Програмата и приоритетите за работа на Словачкото претседателство со Советот на Европската унија за периодот јули - декември 2016 година.

Во интервју за МИА во петокот, амбасадорот Безак истакна дека Словачка од 1 јули, откако влезе во Европска унија, по 13 години од членството, го презеде првпат претседателството со Советот на Европската унија што е една од трите клучни институции во ЕУ.

- Дефинитивно резултатот од референдумот со Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска ќе има најголемо влијание на работата на словачкото претседателство, бидејќи се наоѓаме во безпрецедентна ситуација - 60 години Европската унија се проширувала и сега одеднаш една држава членка се реши да го напушти семејството. Се разбира, ние оваа одлука ја почитуваме бидејќи е донесена на демократски начин, а од друга страна изразуваме жалење што дојде до ова. Во секој случај, имаме нова политичка реалност која треба да се доведе во согласност со правната конструкција, со првните акти во ЕУ. Тоа ќе биде една од улогите на словачкото претседателство и затоа ќе мора да покренеме дискусија за тоа што ќе биде понатаму, вели во интервјуто за МИА Безак.  

На 16 септември во Братислава ќе биде организиран неформален Европски самит - ЕУ 27, без Велика Британија, на кој, како што вели амбасадорот, ќе се дискутира на темата што понатаму.

- Второ, очекуваме од нашите партнери во Лондон во догледно време да го активираат член 50 од Лисабонскиот договор за да започне формалниот процес на Брегзит кој ќе трае можеби две или три години. Потребно е да се покрене ова бидејќи е потребно да се врати сигурноста на граѓаните во државите членки, но и на претприемачите за да се знае што понатаму. Во контекст на Брегзитот може да се примени и словачкото искуство  од поделбата на Чехословачка, рече Безак.

Инаку, како што посочи, словачкото претседателство има четири приоритети.

- Првите два се ориентирани внатре во Унијата во секторските политики кои не се толку релевантни за државите кандидати, како што е вашата. Значи, првиот приоритет е „Економски силна Европа“ и вториот е „Модерен заеднички пазар“. Третиот приоритет, кој е многу релевантен за балканскиот регион, и за вашата држава, е „Oдржливата миграциска и азилантска политика“. Намерно кажувам одржлива бидејќи имаме некоја политика која досега и не може да биде вака квалифицирана. Четвртиот приоритет е „Глобално ангажирана Европа”, во чии рамки спаѓа и  обновување на кредибилноста на политиката  на проширувањето, истакна амбасадорот Безак.

 
 
13.07.2016 - 08:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега