Осман Кадриу: Потребно е итно решение на кризата
Универзитетскиот професор, Осман Кадриу ја поддржува идејата за создавање специјален суд кој ќе работи да предметите од Специјалното јавно обвинителство, но вели дека за тоа мора да се менува Уставот. Професорот Кадриу, во интервју за Прес24, вели дека постои и друга варијанта, а тоа е да се формира посебен кривичен суд, за кој е потребно промени на Законот за судовите.
-Самиот факт што СЈО дејствува скоро една година, а досега не е оформен ниту еден кривичен предмет подготвен за судење, јасно укажува за какви опструкции станува збор. Меѓутоа за формирање на специјален суд треба да се интервенира во самиот Устав. Тоа прашање би се решило со максимум 2 уставни амандмани за чие донесување е надлежно Собранието на Р. Македонија. Кога би имало политичка воља од страна на политичките партии измените и дополненијата на Уставот би можеле да се остварат во еден разумен рок. Во случај да не се формира специјален суд, а би било идеално решение неговото формирање, останува веднаш Р. Македонија да се определи за формирање на специјални кривични одделенија во рамките на кривичниот суд, но под услов такви специјални кривични одделенија да ги има во трите инстанци: Основен суд, Апелационен и Врховен суд на Р. Македонија. Во случај државата да се определи за специјални кривични одделенија треба да се интервенира во Законот за судовите, последниот донесен 2006 година. Со закон и законски решенија треба да се определи бројот на судиите во кривичните одделенија, нивниот избор, нивната надлежност, одговорност, мандат и други прашања, вели Кадриу за Прес24.
Тој е еден од оние кои ја поддржуваат работата на СЈО. Засега не гледа елементи на негова противуставност, иако се согласува со констатацијата дека многу од ставовите на опозицијата честопати сен поклопуваат со работата на СЈО, но за него тоа не е причина да се доведе работата на СЈО во политички контекст
- Имало случаеви да за конкретни постапки, конкретни предмети кои се иницираат од СЈО да се совпаѓаат изјавите на партиите во опозиција со ставовите на СЈО. Тоа според моето мислење се уште не значи и не треба да значи дека СЈО претставува продолжена рака на политичката партија во опозиција – СДСМ. Ова дотолку повеќе и во контекст на тоа што со ставовите на СЈО, и тоа во поголемиот број на случаеви, се сложуваат и другите опозициони политички партии, граѓанскиот сектор и јавната стручност во Р. Македонија, вели професорот Осман Кадриу во интервјуто за Прес24.
Тој во интервјуто зборува и за политичката криза, но и за предизвиците од глобалната мигрантска криза.
ПРЕС24: По два неуспешни обида да се дојде до решение на кризата преку избори, по се изгледа Македонија и ова лето ќе го помине во состојба на криза која ќе се одржува со периодични кризни настани. Гледате ли Вие можност за брзо решение на кризата?
КАДРИУ: Стои фактот дека во два наврати и со точно утврдени термини беа закажани предвремените парламентарни избори и тоа во февруари и во јуни месец 2016 година. Од познати причини изборите не се одржаа. Од причините посебно треба да се нагласат исполнувањето на обврските кои произлегуваат од политичкиот договор постигнат во Пржино. Поголемиот дел од обврските не се остварија, не се исполнија, а тоа беше и услов и предуслов за одржување на кредибилни, демократски, фер и законити избори во нашата држава. Но, при фактот дека политичката криза е сериозна и со истек на времето се продлабочува сметам и длабоко сум убеден дека политичките партии треба да продолжат со политичкиот дијалог и да ги исполнат најважните обврски за да може парламентарните избори да се одржат до крајот на ова година. Ова дотолку повеќе што политичката криза и последиците кои ги трпи државата и сите граѓани укажуваат на неминовност и нужност за брзо решавање на кризата.
ПРЕС24: Малку е нелогично што пред два месеци СДСМ одби да учествува на изборите, а сега лидерот на партијата Зоран Заев инсистира на брзи избори. Зошто?
КАДРИУ: Одговорот на второто прашање е во тесна врска со одговорот на првото прашање. Имено, СДСМ одби да учествува на изборите, претходно закажани и определени точните датуми во Февруари и во Јуни месец 2016 година. Меѓутоа при фактот дека не беа исполнети клучните обврски од политичкиот договор, а посебно прашањето на избирачкиот список и неговото прочистување, како и статусот на медиумите преовладуваше оценката дека со неисполнување на овие обврски нема гаранција дека изборите ќе бидат кредибилни, регуларни и законити. За воља на вистината тоа беше и оценката и на целокупната стручна јавност во Р. Македонија, беше оценка и на граѓанскиот сектор и скоро на сите невладини организации, и она што е најважно на такво стојалиште беше и меѓународната заедница посебно Европската Комисија и другите релевантни структури и органи на Европа и на САД. Тоа што опозиционата партија СДСМ бара да се одржат предвремените парламентарни избори во еден разумен рок до крајот на оваа година е фактички нужноста и потребата да се излезе од политичката криза. Излегувањето од политичката криза е поврзана со парламентарните избори.
ПРЕС24: Ако нема избори оваа есен, веќе во март следната веројатно ќе има, бидејќи доаѓаат на ред локалните избори. Се плаши ли Заев, односно сака ли да избегне ситуација, локалните и парламентарните избори да бидат во исти ден. Логиката вели дека во таква ситуација ќе мора да бира каде да се кандидира, дали во Струмица, дали на парламентарните листи. Ако се суди по сегашните рејтинзи, тогаш тие избори би биле двоен пораз за Заев?
КАДРИУ: Постои можност, за жал како што бавно се одвиваат работите и мошне се пролонгираат конкретните активности на политичките партии за реализација на политичкиот договор од Пржино, изборите да се одржат во 2017 година и тоа во времето кога ќе бидат одржани и редовните локални избори во нашата земја. Ако тоа се случи, сметам дека парламентарните и локалните избори ќе бидат одржани во ист термин. Фактичко е прашањето дали лидерот на СДСМ ќе се кандидира за функција во локална власт или за пратеничка функција. За тоа ќе одлучуваат органите на партијата и лично лидерот на партијата. Моето мислење е дека лидерот на партијата, при фактот дека смета дека ќе ги добие парламентарните избори, истиот да се наоѓа на листите за пратеници. Исто така е фактичко прашање дали СДСМ ќе претрпи пораз или ќе излезе победник на парламентарните избори. Според моето мислење ако парламентарните избори бидат регуларни, кредибилни и законити постои добра шанса за СДСМ да г и добие изборите.
ПРЕС24: Оставката на Зоран Ставревски беше последната во низата тивки повлекувања на сите кои беа дел од сценариото на опозицијата со т.н. бомби. ДУИ пак направи брз и секундарен рез со смената на нови функционери во власта. Како го оценувате ова, како репозиционирање на партиите од власта или како неминовен потег кои мораше да се случи?
КАДРИУ: Доста прашања се отвораат околу оставката на г. Зоран Ставревски од функцијата Министер за финансии и Вицепремиер во Владата на Р. Македонија. Во осталом оствката од функцијата по правило претставува личен чин на носителот на функцијата. Тоа важи и за г. Ставревски. Исто така треба да се прифати како една логична врска дека истиот се повикува на лични причини и тоа здравствени причини. Според моето мислење во неговата одлука за оставка по се изгледа има и доза на неговото незадоволство во Владата на Р. Македонија. Ова посебно кога од него се бараше да се издвојуваат конкретни суми на парични средства за реализација на конкретни проекти, конкретни барања, конкретни потреби за чие предвидување по се изгледа дека Министерот лично не се слага. Со други зборови врз него има индиции и индикации дека се манифестирал некаков притисок.
ПРЕС24: Сепак, вака и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се во некаква предност, за разлика од СДСМ која не успева да направи какво такво прочистување во своите редови?
КАДРИУ: Кога станува збор за некакво прочистување во редовите на политичките партии, тука посебно треба да се анализира прочистувањето на партиите кои се на власт. Станува збор за коалицијата на ВМРО и ДУИ. Ова од причини што за настанатата политичка криза во Македонија најповеќе се напаѓаат партиите на власт. Со таа констатација се сложувам и јас. Дали прочистувањето е соодветно и е извршено во соодветно време е фактичко прашање. Според моето мислење, а при фактот дека на праг ни се предвремените парламентарни избори и тие треба да се спроведат до крајот на оваа година, длабоко сум убеден дека таквото прочистување се спроведува во невреме. Ова дотолку повеќе што предложените и избраните кадровски решенија не нудат гаранција дека квалитетно, компетентно и ефикасно ќе се реализираат обврските и правата кои произлегуваат од надлежноста на Владата на прво место, но, и на другите институции во државата. Реформите треба да бидат коренити.
ПРЕС24: Како ја оценувате досегашната работа на Специјалното јавно обвинителство?
КАДРИУ: По однос на СЈО моето мислење за неговата досегашна работа е позитивна, нагласувам и сега дека од обврските кои произлегуваат од Пржинскиот договор соодветно се реализира формирањето на СЈО. Ова посебно од правна гледна точка и правна регулатива. Но, во остварувањето на неговата функција има сериозни проблеми и ќе ги има. Ова од проста причина што овој важен орган со една мошне одговорна и чувствителна надлежност во својата работа наидува на сериозни опструкции, пречки (правни и фактички) со тенденција на целосна негова блокада.
ПРЕС24: И покрај тоа што беше формирано со идеја да биде независно, сепак јавноста досега има впечаток дека СЈО е институт за политичка егзекуција на ВМРО-ДПМНЕ?
КАДРИУ: Апсолутно не го делам мислењето дека СЈО е формирано како институт за политичка егзекуција на припадници на ВМРО ДПМНЕ. Ако такви размислувања има, може да ги има, истите треба да се потпираат на конкретни факти и правно релевантни околности.
ПРЕС24: Како поинаку би се толкувале дел од настапине на некои обвинители во јавноста. Ако власта беше обвинувана дека преку Јавното обвинителство десет години врши политички пресметки со неистомисленици, ако ја крши презумцијата на невиност, тогаш во што се разликуваат настапите на некои обвинители кои презентирајќи ги случаите искажуваа многу поостри квалификации кои не се карактеристични за едно независно обвинителство?
КАДРИУ: Идејата да се формира специјално обвинителство произлегуваше од конкретни факти и конкретни оценки дека државното обвинителство во последните години затајуваше во вршењето на својата функција со посебен акцент на гонењето на конкретните и потешки кривични дела за кои се сметаше, но се уште на ниво на сомневања, дека како нивни извршители се појавуваат поединци од власта. Со други зборови се доведе во прашање и основано се поставуваше прашањето дека функцијата на јавното обвинителство во Р. Македонија не се остварува. Специјалното обвинителство во постапките кои сега се покренуваат а произлегуваат од конкретни материјали, од конкретна содржина на неовластените прислушкувања, дава конкретни квалификации за какви кривични дела станува збор и кои се нивните сторители. Меѓутоа при сето тоа мора да се почитува едно важно уставно начело, а тоа е начело и во кривичното право – презумпција на невиност. Ова начело не смее да се повреди и од СЈО.
ПРЕС24: Случаите со барањата притвор е потполно идентично. Власта најмногу беше критикувана за тој сегмент, а сега СЈО по секоја цена инсистира на притвор?
КАДРИУ: Прашањето на притворот е доста проблематично. Она што се разликува помеѓу барањата односно предлозите за притвор кои ги поднесува Јавното обвинителство од една страна и предлозите и барањата за притвор кои ги бара СЈО, зборува за двоен аршин кој го применува кривичниот суд. И поконкретно. Во случаите кога притворот го предлага Јавното Обвинителство тие се уважуваат од кривичниот суд. Мерката притвор кога се предлага од СЈО и тоа за сериозни и тешки кривични дела кривичниот суд ги одбива. Да несреќата биде уште поголема во досегашните постапки иницирани од СЈО кривичниот суд нерадо ги прифаќа и алтернативните мерки за безбедност кои се знатно поблаги од мерката притвор. Ваквото однесување и постапување на кривичниот суд уште сега и во фаза на предкривична постапка упатува на јасен заклучок каков може да биде и крајниот епилог по однос на разврската и разрешницата на кривичноправните предмети кои допрва ќе се оформат. А кои предмети се во надлежност на СЈО. Ова појава е загрижувачка. Одговорните државни органи се одговорни за ваквите појави во судската власт.
ПРЕС24: Како универзитетски професор, истакнат правник, не Ви паѓа ли сомнително кога политичките изјави на опозицијата за одреден случај редовно се поклопуваат со ставовите на СЈО?
КАДРИУ: Имало случаеви да за конкретни постапки, конкретни предмети кои се иницираат од СЈО да се совпаѓаат изјавите на партиите во опозиција со ставовите на СЈО. Тоа според моето мислење се уште не значи и не треба да значи дека СЈО претставува продолжена рака на политичката партија во опозиција – СДСМ. Ова дотолку повеќе и во контекст на тоа што со ставовите на СЈО, и тоа во поголемиот број на случаеви, се сложуваат и другите опозициони политички партии, граѓанскиот сектор и јавната стручност во Р. Македонија.
ПРЕС24: Ако објективно треба да анализираме, дали СЈО се коси во некои елементи со Уставот?
КАДРИУ: Од досегашното работење на СЈО, според моето мислење, а моето мислење е индивидуално и субјективно, не се забележуваат конкретни постапки и однесувања на СЈО кои би се коселе со Уставот на земјата, со Уставот на Р. Македонија како највисок правен акт.
ПРЕС24: Сега се заговара формирање на Специјален суд, колку тој би бил спротивен на Уставот?
КАДРИУ: Формирањето на специјалниот суд се уште е актуелна тема, актуелно прашање кое треба да се реши. За воља на вистината идејата за формирање на специјален суд во стручната јавност на Р. Македонија постоеше и се роди уште во времето кога врз основа на постигнатиот политички Пржински договор се предложи да се формира специјално јавно обвинителство за кое нешто Собранието на Р. Македонија донесе посебен закон и пристапи кон негово конституирање. Од власта немаше политичка воља, таква воља отсуствува и сега да се формира специјален суд. Специјалното обвинителство почна да работи и досегашната работа, досегашната практика и искуство повторно го наметнуваат како потреба и како нужност да се формира специјален суд. Јасни се отворените опструкции кои се вршат спрема СЈО. Самиот факт што СЈО дејствува скоро една година, а досега не е оформен ниту еден кривичен предмет подготвен за судење, јасно укажува за какви опструкции станува збор. Меѓутоа за формирање на специјален суд треба да се интервенира во самиот Устав. Тоа прашање би се решило со максимум 2 уставни амандмани за чие донесување е надлежно Собранието на Р. Македонија. Кога би имало политичка воља од страна на политичките партии измените и дополненијата на Уставот би можеле да се остварат во еден разумен рок. Во случај да не се формира специјален суд, а би било идеално решение неговото формирање, останува веднаш Р. Македонија да се определи за формирање на специјални кривични одделенија во рамките на кривичниот суд, но под услов такви специјални кривични одделенија да ги има во трите инстанци: Основен суд, Апелационен и Врховен суд на Р. Македонија. Во случај државата да се определи за специјални кривични одделенија треба да се интервенира во Законот за судовите, последниот донесен 2006 година. Со закон и законски решенија треба да се определи бројот на судиите во кривичните одделенија, нивниот избор, нивната надлежност, одговорност, мандат и други прашања.
ПРЕС24: Правниците кои сметаат дека СЈО и евентуален специјален суд, се против уставни тоа го темелат на фактот дека во Уставот изирично пишува дека Судската и обвинителства власт се единствени, дека не може да има паралелизам. Но СЈО функционира како паралелно обвинителство. Пред кого одговара СЈО?
КАДРИУ: И со самото формирање на СЈО се заговараше на една околност, а имено дека овој орган претставува паралелен орган во истата власт, поточно паралелен орган со Јавното обвинителство. Во нормални состојби тоа не треба да се случи како што не треба да има и специјални судови. Меѓутоа во Р. Македонија се случи сериозна политичка криза. Во политичката криза партиципира правната криза. Правната криза е последица на неуставност и незаконитост во работењето. Правната криза настанува како последица на тешки кривични дела, организиран криминал, тешка корупција, противзаконито збогатување против морален начин. Политичката криза мора да се реши. Политичката криза нема да се реши ако претходно не се реши правната криза во смисла на правна разврска и правна разрешница на кривичните дела за кои се смета дека се сторени, а истите произлегуваат од содржината на незаконското прислушување. При една ваква состојба на работите, а при фактот дека функцијата на јавното обвинителство не се остварува, од друга страна реформите во судството не се спроведени, беше неминовно да се формира СЈО. Секој орган и секоја институција во државата одговара за својата работа и со устав и закон се определува постапката и условите под кои се одговара. На одговорност подлежи и СЈО. И СЈО треба законито и уставно да работи и да функционира. Неговата функција треба да се остварува законито. Согласно законот за формирање на специјалното обвинителство, овој орган одговара пред Советот на обвинителите и пред Собранието на Р. Македонија.
ПРЕС24: Во јавноста имаше многу информации за лица ангажирани од СЈО како советници? Од Вас побараа некаков ангажман?
КАДРИУ: Од мене како универзитетски професор, како поранешен судија и како член на првиот состав на Судскиот совет на Р. Македонија чии мандат траеше од 1994 до 2001 година, досега од ниту еден орган, институција ниту пак од СЈО не е побарано никаква стручна и професионална помош. Со други зборови не сум имал никаков ангажман.
ПРЕС24: Во Варшава ќе се одржи Самитот на НАТО. Македонија и овој пат останува надвор. Истовремено се случи и референдумот на Британија и најавите за излез од Европската Унија. Како тоа ќе се рефлектира врз надворешните односи на Македонија?
КАДРИУ: На праг е одржувањето на Самитот на НАТО во Варшава. Според состојбите што ги имаме во нашата држава и сериозната криза, зборуваме за политичка криза, Македонија и овој пат нема да влезе во листата на можни кандидати за членка на НАТО. Зборуваме за политичката криза иако за воља на вистината во Р. Македонија постои и правна криза, морална криза, економска криза. Кога во земјата се забележуваат овие кризи тогаш основано се зборува дека имаме општествена криза. Целата држава е во криза. Референдумот во Велика Британија и определбата на оваа земја да излезе од Европската Унија, без секое сомневање ќе се рефлектира врз надворешните односи на нашата држава. Сметам дека ќе имаме пооштрени критериуми како за зачленување на нашата држава во НАТО алијансата, исто така и за зачленување на нашата држава во ЕУ.
ПРЕС24: Постои ли опасност од нова ескалација на мигрантската криза?
КАДРИУ: Мигрантската криза станува сериозен проблем не само за Европа туку и пошироко. Станува проблем за целата меѓународна заедница. Статусот на мигрантите е доста чувствително и сериозно прашање и сериозен проблем. Станува збор за структура на граѓани кои се борат за сопствената егзистенција. Поради чувствителноста на мигрантската криза и статусот на мигрантите не е случајно што и целокупното меѓународно право во својот корпус поседува значајни меѓународни документи (конвенции, резолуции, препораки, идр), кои се донесени на ниво на светската организација (ООН) а дел од нив се донесени на ниво на европскиот континент. Во разрешувањето на мигрантската криза Р. Македонија треба да помогне на тој начин што ќе обезбеди несметано и безбедно нивно преминување преку нашата територија. Да се обезбеди сигурно и мирно преминување со превземање на конкретни мерки и да се отстрани секаква можност на нивната злоупотреба. Со оглед дека Р. Македонија е сиромашна земја, обврска е на ЕУ на Р. Македонија да и помогне со соодветна финансиска помош. Но, од друга страна за да спречи мигрантската криза неминовна е обврската на целата меѓународна заедница да таа преку правните и политичките механизми да ги неутрализира воените жаришта кои денес ги има во голем број земји како Сирија, Авганистан, Ирак, Иран, Украина и други земји. Овие се мерки кои треба да ги превземе целокупната меѓународна заедница и нејзините релевантни органи, тие се нивна обврска и нивна одговорност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа