Делегација од Кина во посета на Стопанската комора на Македонија
Денеска делегација од Кина ја посети Стопанската комора на Македонија.
Се запознавме со привилегиите и предностите за привлекување на странските инвестиции во Македонија. Кога ќе се вратиме во Кина ќе им ги пренесеме соодветните информации на моите колеги и пријатели бизнисмени, изјави Јан Тонгминг од Здружението на стопански комори од Сечуан по средбата комора.
Потпретседателот на Стопанската комора Антони Пешев рече дека треба да се работи на намалување на дисбалансот во трговската размена со Кина.
- Потенцијалот на трговската размена се наоѓа на страната на Кина, што е разбирливо. Битно е што бројот на производи што од Македонија се извезуваат во Кина постојано расте, но се уште дисбалансот од 200 милиони долари е нешто на што треба да поработиме. Овој тип на посети ќе помогнат тој небалансиран однос да добие поинаква димензија, нагласи Пешев.
- Делегацијата од Сечуан беше запознаена со сите поволности кои државата им ги нуди на странските инвеститори за отворање нови бизниси. Македонија се наоѓа на стратешки добра локација, па секоја инвестиција им го намалува трошокот на пристап на териториите на земјите од поранешна Југославија и од Балканот. За нив е интересно и што имаме добри релации со Турција, како и нашиот слободен пристап до пазарите со повеќе од 650 милиони жители. Покрај ниското ниво на даноци можеме да им ги понудиме и потенцијалите во туризмот особено за инвестирање во туристичките дестинации и заштитената природна средина, додаде Пешев.