Спасов: Работодавците да преземат мерки за заштита на работниците од високите температури

 

Денеска македонскиот министер за труд и социјала, Диме Спасов, заедно со претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Живко Митревски, апелираа работодавачите да ги преземат сите неопходни мерки и да ги почитуваат препораките за заштита на работниците од високите температури кои ни претстојат во наредниот период.

- Доколку не се преземат мерките за заштита и ако Инспекторатот за труд утврди непосредна опасност по безбедноста и здравјето на вработените, со решение ќе се забрани работата во целост, на дел од погоните или технолошкиот процес, рече министерот Спасов и додаде дека глобата за непочитување на овие правила е од 5.000 до 8.000 евра за правно лице и од 500 до 1.000 евра за одговорно лице.

Соодветна организација на работата, контрола на работниот процес и проценка на ризик на работните места, избегнување прекувремена работа, користење на паузите за одмор и ако е потребно воведување дополнителни кога температурата е висока особено меѓу 11 и 16 часот, обезбедување соодветни простории за разладување, лесна работна облека и превентива од зголемени опасности при работа (пожари),... се само некои од препораките што работодавачите треба да ги испочитуваат.

Веќе е изготвен Акциски план за превенција од топлотните бранови чија цел е да се избегнат ризиците по здравјето на работниците. Планот ги обврзува државните инспектори за труд месечно да вршат по 40 надзори кај правни субјекти со што ќе го утврдуваат спроведувањето на регулативите.

Инаку, најризични работни места и најмногу на удар од високите температури се градежништвото, земјоделството, енергетиката, металургијата, сообраќајот, прехранбената индустрија, текстилот, армијата, полицијата.

ФОТО: Сител

најчитано сега