СДСМ испрати соопштение за вчерашниот ЦО - оставката на Црвенковски не се спомнува
На вчерашната седница на Централниот Одбор на СДСМ во проширен состав, на кој присуствуваа и претседателите на Општинските Организации и пратеничката група, беше донесена Одлуката за свикување на 14-ти Конгрес кој ќе се одржи на 02 јуни во хотел “Холидеј Ин“.
Конгресот го сочинуваат 705 делегати, чиј четиригодишен мандат согласно Статутот на СДСМ започна со нивниот избор од страна на Општинските конференции, во февруари 2011 година.
На седницата беа усвоени и Правилниците и Роковникот за постапката, начинот и критериумите за кандидирање и избор на Претседател и членови на Централниот и Надзорниот одбор на СДСМ.
Истите предвидуваат сите кандидатури да ги предлага членството преку најмалиот облик на партиско организирање, од месните одбори, преку Општинските Организации до највисокиот орган-Конгресот на СДСМ во целосно транспарентна постапка.
Истовремено, на секој кандидат согласно Статутот му е овозможено да го искористи институтот за самокандидирање.
Постапката предвидува период од десетина дена во кои кандидатите за Претседател ја имаат можноста своите програми, концепти и визии за раководење со партијата да ги претстават пред сите Општински Организации на СДСМ.
На 14-тиот Конгрес делегатите ќе го разгледуваат и Извештајот за четиригодишниот мандат на актуелното раководство на СДСМ каде составен дел ќе бидат и изборните резултатите на предвремените парламентарни избори во 2011 и локалните избори 2013 година.
(Интегрален текст од соопштение на СДСМ за одржаниот Централен одбор)