Иванов: Заев да го одржи дадениот збор и да поднесе формално барање за повлекување на неговото помилувањe

Претседателот Ѓорге Иванов во денешното попладневно обраќање до јавноста потенцира дека се што беше кажано од собраниската говорница по предлогот на опозицијата за негова одговорност, ќе остане запишано како сведоштво за односот на пратениците кон сопствената држава и кон сопствените институции.

Врз основа на тоа сведоштво, напомена Иванов, идните поколенија ќе знаат низ што се минувала демократијата во Македонија и како оваа генерација политичари ја разбирале и практикувале политиката.

– Дел од тие сведоштва се помилувањата од претходни претседатели за кои воопшто не беше покренато прашање за нивна одговорност. Ниту пак се покрена кога ни наметнаа привремено име кое сеуште не фрустрира. Ниту пак за промената на државното знаме, Уставот и територијалната поделба на државата. Никој не одговараше за атентатот на еден претходен претседател и за неразјаснетите околности што доведоа до смртта на друг претседател. Наредните генерации ќе знаат дека во тоа време, на власт биле истите оние кои денес го покренаа прашањето за моја одговорност и кои го оспоруваат мојот легитимитет, подвелече шефот на државата.

Според него, гласањето во Собранието заврши, а неоснованата иницијатива на опозицијата беше отфрлена.

– Затоа, денеска им се обраќам на граѓаните. Граѓаните кои два пати ми ја дале довербата да бидам претседател на Република Македонија, рече претседателот Ѓорге Иванов.

Денес, единствениот аболициран политичар во Република Македонија е Зоран Заев. Доколку не блефира, го охрабрувам, врз основа на законските измени да го одржи дадениот збор и да поднесе формално барање за повлекување на неговото помилување, рече Иванов.

Според Иванов, правната држава ја нарушија оние кои поради недостаток на политичка култура и култура на дијалог и компромис, немаа доблест своите недоразбирања да ги решаваат во институциите на државата.

– Правната држава ја нарушија лидерите на СДСМ и ДУИ бидејќи уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнеме, да седнеме и да се договориме, туку трчаа во амбасадите на странските држави. Правната држава, сувереноста и независноста ги загрозија овие двајца неодговорни политички лидери кои придонесоа да го добиеме договорот од Пржино и кои не се ни придржуваа кон тој договор, рече Иванов.

Специјалното јавно обвинителство кое се формираше ад-хок, со точно определна наменска цел, согласно договорот на политичките партии и од кое се очекуваше со својата работа да биде во функција на решавање на политичката криза, а не нејзино продлабочување, за жал, наместо да биде инструмент за правда, се покажа, нагласи, како инструмент за уцена.

– Од сите милион фајлови кои кажуваат дека ги имаат, ги одбра само оние кои се однесуваат на претставниците на власта, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Селективниот прогон на СЈО создаде мачна атмосфера во општеството. Јас и јавно прашав по која методологија се одбрани само тие случаи. Одговорот го даде лидерот на опозицијата Заев кој изјави дека Специјалното јавно обвинителство постапува исклучиво по пријави доставени од опозицијата. Значи, наместо специјално обвинителство добивме селективно обвинителство, кое е исклучиво во функција на опозицијата, истакна претседателот.

 
 
22.06.2016 - 20:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега