Стипендии од 9.000 евра годишно - во тек е вториот уписен рок на Институтот за филм во Охрид

Како резултат на неколкугодишните владини заложби, кон крајот на минатата година во Охрид се основаше една исклучително квалитетна, специфична и единствена во регионот – образовна институција, а тоа е Институтот за филм – Филмска академија Охрид, која врши трансмисија на долгогодишната традиција, стандардите и принципите на престижната и петта најстара филмска и телевизиска школа во светот –  ФАМУ од Прага, истакна заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, на денешната прес-конференција.

Академската 2015/2016, успешно ја завршија 7 студенти, постдипломци на двете понудени студиски програми – за сценаристика и драматургија и за креативна продукција, кои добија и целосна стипендија од Министерството за образование и наука.

-На мое лично задоволство, на првиот уписен рок во рамки на конкурсот кој беше објавен за постдипломски студии на Филмската академија во новата, академска 2016/2017 година и кој траеше до 6ти јуни, се пријавија вкупно 18 кандидати, од кои 11 ги исполнија условите за прием и истите ќе стартуваат од октомври. Дел од студентите се на постојните, но дел и на новопонудените студиски програми за камера, за режија, за монтажа и за монтажа и дизајн на звук, за кои во тек е процесот на набавка на целокупната неопходна опрема и средства за теоретска и практична реализација на наставата, додаде Ристовски.

И овие студенти се информирани за можноста за стипендирање, а Ристовски очекува да аплицираат во министерството најдоцна до 15 септември и да добијат стипендија во вредност од 9.000 евра на годишно ниво.

-Радува тоа што имаме студенти не само од земјава, туку и од САД, Мексико, Ирска, Естонија, Индија и така натаму, што само потврдува дека оваа образовна институција за краток одлично се позиционира на регионалниот образовен простор, но и пошироко, што е и една од целите на нашите заложби за градење на препознатлив образовен центар во областа на филмската индустрија, рече заменик министрот за образование и наука.

Вториот уписен рок за студирање на Институтот за филм – Филмска академија Охрид е во тек и трае заклучно со 1 август.

-Очекувам во следниот период да се пријават и други кандидати кои се интересираа, се јавуваа и комуницираа со менаџментот и наставниот кадар на оваа образовна установа, но од разни причини не успеаја да ги комплетираат документите и да аплицираат во првиот рок. Секако, за сите студенти кои дополнително ќе бидат примени, важи можноста да бидат стипендирани од министерството, под услов да не се корисници на стипендија од друг давател. Годинава, поддршката во тој дел е значително зголемена, односно, ако минатата година доделувавме 20 стипендии, сега конкурсот предвидува да бидат доделени вкупно 30 стипендии во полн износ, подвлече Ристовски.

Повеќе информации околу уписите и стипендиите можат да се обезбедат на интернет страниците mon.gov.mk и filmacademyohrid.com.

 
 
21.06.2016 - 16:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега