Јолевски: Политиката на отворени врати на НАТО мора да продолжи и после самитот во Варшава

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски денеска во Варшава, Полска учествуваше на конференцијата „Политиката на отворени врати на НАТО во Варшава и по Самитот“ организирана од страна на German Marshall Fund.

За време на неговото обраќање на конференцијата Јолевски истакна дека политичкиот и општествен консензус за остварување на европските и евроатлански перспективи е константа. - Овој стратегиски приоритет, како што рече, беше мотивирачки фактор Република Македонија повеќе од две децении да инвестира во длабоки и сеопфатни реформски процеси кои ги опфаќаат сите сегменти на општествениот живот. Преку овие реформи Македонија изгради Армија која е гарант за територијалниот интегритет и суверенитет на земјата, но и е целосно интеропративна со армиите на НАТО членките. Со пожртвуваност и многу работа Република Македонија ја заработи поканата за членство во НАТО.

Министерот додаде дека Македонија ќе продолжи кон патот на НАТО и дека членството во НАТО ќе придонесе за постабилна и посигурна безбедносна ситуација на Балканот и во Регионот.

За време на панелот Јолевски ја искористи шансата уште еднаш да упати честитка до Црна Гора за реформските процеси кои ја доведоа поблиску до Алијансата.

Заменик министерот за надворешни работи Марек Жулковски во воведното излагање истакна дека Полска ќе продолжи да ги поддржува аспирациите на Македонија за членство НАТО и дека Македонија заслужува што поскоро да стане членка на алијансата. 

Покрај учеството на Конференцијата, министерот Јолевски оствари средба со претседателот на Комисијата за одбрана од Парламентот на Република Полска, Михал Јах. На состанокот беше разговарано за безбедносните предизвици со кои се справува Македонија и воедно се дискутираше за членството на Македонија во НАТО.

Јолевски порача дека Македонија заслужува да добие покана за членство во НАТО имајќи ги предвид напредокот и реформите спроведени во Армијата кои беа очигледни за време на една од најголемите интероператибилни вежби „Анаконда 2016“ која заврши пред неколку денови во Полска.

Михаил Јах се заблагодари на министерот за одбрана на неговата посета и истакна дека Македонија ја има целосната поддршка од полскиот Парламент.

Во Полска Јолевски оствари средба и со неговиот поранешен колега, бившиот министер за одбрана на Република Полска, Томаш Шимоњак. Двајцата соговорници дискутираа за членство на Македонија во НАТО и истакнаа дека е очигледно дека Македонија заслужува членство во Алијансата. Шимоњак порача дека имајќи ги предвид учеството на Македонија во мировните мисии и нејзиниот придонес за стабилност во Регионот и Балканот се индикации дека Македонија претставува исклучителна држава чии придонеси мора да бидат земени во предвид за членство во НАТО. Јолевски додаде дека Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана се фокусирани кон исполнувањето на условите за членство во НАТО и дека приоритет на Владата на Република Македонија ќе остане членството во Евро-атлантските структури.

 
 
21.06.2016 - 16:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега