Претседателот Иванов се сретна со началникот на ГШ на армијата на Полска

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими началникот на Генералштабот на вооружените сили на Република Полска генерал Мјечислав Гоцул. На средбата, како што информираат од кабинетот на претседателот, е разговарано за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, при што е изразено задоволство од досегашната одлична соработка и одржувањето на дијалогот на високо ниво во областите од заеднички интерес, особено во областа на одбраната.

Иванов посебно ја истакна досегашната активна поддршка што Македонија ја добива од страна на Полска, која е особено изразена во политиката на „отворени врати на НАТО“, при што изрази очекување за нејзина потврда и на претстојниот Самит на Алијансата што ќе се одржи во Полска наредниот месец.

Заедничка констатација на претседателот Иванов и генералот Гоцул е дека постои потенцијал за зајакнување на билатералната соработка во областа на одбраната. Во тој контекст двајцата соговорници изразија очекување за интензивирање на соработката меѓу армиите на двете земји како основа за заеднички ангажмани во наредниот период, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот.

Началникот на Генералштабот на вооружените сили на Република Полска генерал Мјечислав Гоцул, исто така, денеска имаше средба со началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.

Како што информираат од АРМ, на средбата и официјалните разговори пред делегацијата покрај презентирањето на мисијата на АРМ, учеството во мировните мисии предводени од ОН, НАТО и ЕУ, активностите кои АРМ ги спроведува во справување со мигрантската криза, било разговарано и за актуелната безбедносната ситуација во регионот, како и за можностите за интензивирање на меѓусебната воена соработка во повеќе области на одбраната, посебно во изведување на заедничка обука, учество на вежби и мисии на специјалните единици на двете армии.

На разговорите генералот Величковски меѓу другото посебно го истакнал значењето на оваа средба пред се од аспект на прва одржана средба на ниво помеѓу Началници на генералштабови на двете армии, која се реализира непосредно пред одржување на НАТО самитот во Варшава и непосредно по „Анаконда 2016“ каде АРМ учествуваше со респектабилна бројка од 157 свои припадници, се наведува во соопштението на АРМ.

Генералот Гоцул се осврна на придонесот кој АРМ го дава со своето учество во мировните мисии и меѓународни вежби, со посебен осврт на покажаната интероперабилност и стандарди од припадниците на АРМ на оваа најголема воената вежба на НАТО која се изведуваше во Република Полска, каде АРМ се докажува како значаен допринесувач во колективната сигурност.

Делегацијата во текот на денот, како што е најавено, ќе ја посети и јужната граница во реонот на  караулата „Богородица“ на македонско-грчката граница, каде ќе се одржи брифинг за актуелната состојба со мигрантската криза и начинот на кој АРМ се ангажира во справување со истата. Во текот на утрешниот ден делегацијата ќе оствари посета и на Центарот за обука на пилоти во Петровец. 

 
 
21.06.2016 - 14:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега