Уште 10 дена и нема веќе евтини автомобили во Македонија
Од први јули повеќе нема да може да се увезуваат стари автомобили постари од десет години, односно ќе може да се увезуваат половни возила со најмалку Еуро 4 стандард.
Во 2010 година беше либерализиран увозот на стари автомобили, а само таа година биле увезени 51.399 стари автомобили или вкупниот број увезени стари автомобили од 2010 година е 272.000. По паркиралиштата за стари автомобили, неофицијално, непродадени стојат околу 70.000 автомобили.
Увозниците на старите возила со стандард Еуро 3 до 30-ти јуни ќе треба да ја платат царината и да ги завршат сите увозни процедури. Рокот за хомологација засега е неограничен.
Царинската управа информира дека во првите четири месеци од годинава биле увезени 9.500 возила, односно речиси двојно повеќе од истиот период лани.
Оваа одлука е донесена на барање на увозниците на автомобили уште од 2013 година, со датум на важење од 1-ти јули 2016 година. За импортерите, увозот на стари возила е една од главните причини за зголемениот број на жртви по македонските патишта и за зимската загаденост на воздухот.
Компаниите за увоз на нови автомобили бараат и дополнително ограничување на увозот – забрана за увоз на возила и со Еуро 4 стандард, односно постари од 2009 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа