Канадски компании се запознаа со поволните услови за инвестирање во секторот на минерални суровини
Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска се сретна со претставници на канадската компанија „Резервоар Минералс“, Данкан Ларџ и Даниела Бомбај и ги информираше за поволните услови за инвестирање во секторот на минерални суровини, особено за металните минерални суровини, бакар, злато, сребро, олово, цинк, како и можните наоѓалишта во Македонија.
Сарачини посочил дека како дел од активностите за создавање поволна клима за инвеститорите се и измените на Законот за минерални суровини, притоа потенцирајќи дека сите законски измени што се прават произлегуваат од потребата на реалниот сектор.
- Во континуитет работиме на подобрување на бизнис климата и условите за работа, еднакво за домашните и странските компании, со цел поголем економски развој на Република Македонија и отворање нови работни места, истакнал министерот Сарачини.
Според Даниела Бомбај од канадската компанија, со измените на Законот за минерални суровини и со самите процедури, Владата направила да има почесто тендери и да може компаниите да добиваат повеќе концесии.