Со концертот на Елена Гаранча почнува „Охридско лето“
Честа да го отвори фестивалот Охридско лето, ќе ја има Елена Гаранча која ќе настапи со оркестарот на Македонската опера и балет, под деригентската палка на Ион Марин од Австрија.
Годинашното 56 издание на фестивалот ќе биде отворено на 12 јули со концертот на светски познатиот мецосопран од Летонија, објави на денешната прес конференција министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Уверена сум дека на 12 јули на Античкиот театар ќе бидеме сведоци на едно врвно уметничко претставување кое ќе ја освои и стручната јавност и македонската публика, рече Канческа Милевска.
По свеченото отворање ќе следуваат и низа, како што наведе, ексклузивни настани, меѓу кои и концертите на виолинистите Максим Венгеров, Вадим Репин, Роман Симовиќ, пијанистите Фазил Сеј, Ана Винитскаја и легендарниот Артуро Сандовал. Ќе настапат и македонските музичари Ана и Игор Дурловски, Љубиша и Маја Кировски, младиот виртуоз на гитара Дамјан Пејчиноски, како и повеќе други уметници.
На програмата на годинашното „Охридско лето" се предвидени преку 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филмови од богатата кинематографска ризница на „Вардар филм". Македонија и Охрид годинава ќе бидат домаќини на вкупно 800 уметници, изведувачи и автори од 18 земји во светот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа