Седум полицајци повредени при вчерашниот инцидент пред дуелот Вардар-Стеауа

Вчера седум полициски службеници биле повредени при нападот предизвикан од навивачите „Комити“ пред започнувањето на фудбалскиот натпревар меѓу Вардар-Стеауа.

Околу 500 припадници на навивачката група „Комити“ почнале да фрлаат со разни предмети кон распоредените униформирани полициски службеници на јужната трибина, кон западниот дел од стадионот и на платото пред влезот на јужната трибина. При тоа  седум полициски службеници се пожалиле на повреди и веднаш биле згрижени со возила на итната медицинска помош. 

- Станува збор главно за телесни повреди - контузии и расекотини, а повредените полициски службеници се пренесени во Ургентниот центар и во болницата „8 Септември“ за укажување на медицинска помош. На повреди се пожалиле и други полициски службеници, но целосниот биланс ќе биде познат откако ќе бидат изготвени сите службени белешки, се вели во соопштението од МВР.

- За време на пристигнувањето на навивачката група на ФК Стеауа од Романија кои патуваа со два автобуси придружувани од униформирани полициски службеници, на локалниот пат кај село Визбегово под клучката, тие биле пресретнати од страна на припадници на навивачката група „Комити“ при што колоната била каменувана со тврди предмети, а биле фрлени и молотови коктели, се вели во соопштението и се додава дека  биле искршени стаклата на двата автобуса.

Повредени биле и двајца вработени како редари на стадионот. Ј.И. од Скопје се здобил со  контузија на главата и З.С. кој се здобил со контузии на главата и лицето, како и тројца други граѓани – Н.А., Т.Ј. и И.М. сите од Скопје кои се здобиле со телесни повреди на главата.

Во тек се мерки за расчистување на инцидентот, а приведени се три лица.

најчитано сега