СДСМ: Владата да престане да ја задолжува земјава бидејќи ќе ја доведе до колапс

Во екот на годишните одмори, и намалениот интерес на јавноста за тековните случувања, владата продолжува интензивно да ја задолжува Македонија.

Вчера се одржа нова аукција на државни хартии од вредност и долгот на државата повторно се зголеми.

Еве ја сегашната состојба со долгот. Согласно најновите податоци на Народната банка, само домашниот (внатрешниот) долг на крајот на месец јуни (вториот квартал од годината) изнесува речиси 940 милиони евра! Тоа поедноставено значи дека секој граѓанин на Република Македонија па дури и дечињата родени на  почетокот на овој месец поединечно се задолжени со околу 470 евра.

Што доколку владата  продолжи со ваквата динамика на задолжување? Напоменувам дека во периодот од Април до крајот на Јуни (значи, во вториот квартал од годината) домашниот долг е зголемен за цели 40 милиони евра! Па така, ако продолжи ова темпо на задолжување, а нема никакви навестувања од страна на владата дека планира да ја промени својата економска политика, проекцијата е дека до крајот на годината внатрешниот долг на државата ќе се искачи  на  над една милијарда евра!!!

 Почитувани граѓани,

 СДСМ апелира владата веднаш да престане со задолжувањето на земјата.

Ваквата економска политика на владата на Република Македонија недвосмислено ја води државата во колапс.

 

За жал, досегашното искуство не влева оптимизам дека власта ќе ги прифати укажувањата и ќе се обиде да се корегира. Напротив, очекуваме реакција во познатиот стил - опозицијата е виновна за се, зачинета со неизбежните лични навреди.

 

Интегрален текст од изјава на СДСМ.