Се инвестира во Железницата како никогаш до сега: Пристигнуваат петтиот и шестиот модерен воз

Државата во полн инвестициски циклус за модернизација на железницата. Паралелно се инвестира во изградба и реконструкција на  железничката инфраструктура, и се вложуваат значителни средства во обновување на возниот парк на Македонски железници, пишува ЛИДЕР.

После набавката на 150 товарни вагони во вредност од 13 милиони евра и набавката на 6 нови патнички возови за кои се инвестираа 25 милиони, инвестицискиот циклус во обновата на возниот парк на македонски железници продолжува и во следниот период за кога е предвидена и набавка на нови електрични локомотиви.

Од Владата истакнуваат дека ваков вид на инвестиции во возниот парк на Македонски железниции не е забележан со децении и дека со овој вид на инвестиции драстично се подобрува квалитетот на функционирање на македонски железници, се модернизира железничкиот сообраќај а истовремено се подобруваат и железничките услуги како за граѓаните кои го користат патничкиот железнички сообраќај така и за компаниите од државава кои го користат товарниот железнички сообраќај.

-Ние сме во еден значителен инвестициски циклус во железницата, по обезбедувањето на 150 нови товарни вагони и  пристигнувањето на 4 нови патнички  возови , добар момент е што можеме да истакнеме дека во текот на месец јуни ќе пристигнат и петтиот и шестиот модерен патнички воз со што се заокружува еден проект во вредност од 40 милиони евра, дополнително на ова инвестираме уште 7 милиони евра на обезбедување на нови електрични локомотиви, за кои што постапката за извор на економски оператор е во тек и завршува на 2. јуни и се вкупно на овој начин ќе се подобрат сериозно капацитетите и перформансите на МЖ, а тоа ќе има позитивно влијание и на граѓаните и на компаниите и сите други сектори кои се во корелација со железничкиот сообраќај, а на тој начин ќе продолжиме и во иднина, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата на Р.М.

Паралелно со овие инвестиции за модернизација на возниот парк на Македонски железници се продолжуваат и инвестиционите активности во железничката инфраструктура. Како што вчера најави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски објавен е тендерот за изградба на втората фаза на пругата кон Бугарија, од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 км за што ќе се инвестираат во вредност од 140 милиони евра.

-Ние започнавме со градежни активности во првата фаза. Се работи за инвестиција од 40 милиони евра тоа е од Куманово до Бељаковце. Сега ја објавивме втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка, а во тек сме и со проектирање на третата фаза – истакна министерот Мисајловски кој информираше дека согласно предвидената динамика се очекува до крајот на годината да биде завршена целокупната постапка за избор на изведувач и да следува започнувањето на втората фаза на пругата кон Бугарија.

Истовремено во тек е изградбата на пругата Битола – Кременица кон Грција во вредност од 19 милиони евра, се работи на реконструкција на делницата Ногаевци – Неготино каде се инвестираат  9,4 милиони евра а се отпочнати и постапките за проектирање на новата пруга Кичево – Лин кон Албанија во должина од 63 км каде се проектира и дополнително и еден крак до Охрид.

 
 
28.05.2016 - 10:02
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега