Јанко Бачев: На потег сега е народот
Дисквалификувањето на НДМ од изборната трка, нејзиниот претседател Јанко Бачев го гледа како дел од процесот кој го водат странците за одлагање на изборите на 5 јуни. Парадоксот на Бачев е тоа што беше прв како политичар кој најави листи за учество на изборите и на крај не за него немаше место на гласачкото ливче, на кое остана само коалицијата на ВМРО ДПМНЕ.
- Според нашите информации, германскиот посредник Јоханес Хајндл на средбите со Груевски, Заев, Ахмети и Тачи им оставил да одберат една од трите варијанти за свикување на собранието и одложување на изборите: 1. Иницијатива до Уставниот суд (реализирано од ДУИ), 2. Известување од ДИК до Собранието дека во три изборни единици има отстапување од законски дозволениот број на гласачи по изборна единица (реализирано од ДИК) и 3. да се отфрлат листите на НДМ и да се креира ситуација дека наводно е недозволиво во едно демократско општество да има избори само со една изборна листа (оваа изборна операција е во тек). Со еден збор листите на НДМ се еден вид на колатерална штета, вели Јанко Бачев, претседател ан НДМ во интервју за Прес24.
За него сосема извесно е дека избори на 5 јуни нема да има и дека нивното одлагање ќе оди преку Уставниот суд.
-Гледајќи го силниот притисок од странците и длабокото политичко неединство кое ја прави земјата ранлива и неотпорна на таквиот притисок, многу е веројатно дека ќе има повторно одлагање на изборите, вели Бачев.
Јанко Бачев, чија партија е опозиција долги години и голем критичар на актуелната власт, во Интервјуто за прес24, ја анализира актуелната политичка состојба за чие решавање смета дека е потребно внатрешно решение. Иако е критичар на власта, Бачев е жесток критичар и на опозицијата.
-Наместо во Брисел и Вашингтон, тука во сопствената држава да ја водиме својата политичка борба доколку не сме задоволни од актуелната власт. Недозволиво е шетањето во странските центри и таму да се оцрнува својата држава. Истите треба да знаат дека со своите активности кај странските ментори само придонесуваат за уривање на сопствената држава, а простата вистина вели дека без оглед на нивниот личен просперитет и бенефициите што ги добиваат од своите странски ментори, доколку државата Македонија ја уриваат сите на крајот како Македонци ќе не затрупа, вели претседателот на НДМ за Прес24.
За Народното движење на Македонија е неприфатлив и концептот на протестите на опозицијата.
-„Шарената„ е најдолното, најлошото нешто што и се случува на Македонија. Во отсуство на народна поддршка за вистинска револуција, сега една група низ целата земја си игра некаква„Шарена револуција„. Поточно, „шарените„ на протестите се тие од резервната клупа на СДСМ, кои своевремено со промената на власта ги изгубија привилегиите и евидентно е дека десетодишното дремење во опозиција ги прави нервозни, вели јанко Бачев, претседател на НДМ во интервју за Прес24.
ПРЕС24: Први, како партија најавивте учество на изборите, на крајот Ве дисквалификуваа. Што се случи?
БАЧЕВ: Точно така, на прес конференцијата на Народно движење за Македонија (НДМ) од 9 април ја обелоденивме и образложивме одлуката на Централниот комитет на партијата за настап на изборите на 5 јуни. Во меѓувреме, ДИК ги отфрли листите на НДМ поради политички, а не од правни причини. Имено, ДИК ги отфрли листите на НДМ бидејќи не сме доставиле копија од лична карта на кандидатите и доказ за секој кандидат дека не е осуден со правосилна судска одлука. На тој начин, ДИК ги разгледувал листите на НДМ надвор од условите определени со Изборниот законик. Поточно, ДИК поставил два дополнителни услови кои немаат правен карактер.
Содржината на листата на кандидати за пратеници што се поднесува е пропишана со Изборниот законик. Според член 64 став 2 од Изборниот законик листата на пратеници содржи: број на изборна единица, назив на листата, име и симболот ако го има подносителот на листата, име и презиме на носителот на листата, име и презиме на секој кандидат за пратеник и содржи онолку кандидати колку што се избираат во изборната единица со означување на нивното постојано живеалиште, единствен матичен број на граѓанинот и изјава на припадност на одредена заедница. Во член 64 став 6 е уредено прашањето за прилозите и во оваа насока е кажано дека во прилог на поднесената листа во оригинал или во копија заверена на нотар се поднесува договор за коалицирање, потврда од Централниот регистар и доказ за регистрација на политичката партија. Значи, никаде не е пропишана обврска за доставување на копија од лична карта и доказ за секој кандидат дека не е осуден со правосилна судска одлука. И не случајно законодавецот не утврдил ваква обврска, бидејќи, прво, избирачкиот список е во надлежност на ДИК и во него ги има сите потребни податоци кои што се содржат во личната карта на граѓаните, и второ, ДИК по службена должност го добива списокот на осудени лица од сите затвори во земјата.
Посебно сакам да потенцирам дека според член 106 став 5 од Кривичниот законик никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност. Податоци од казнената евиденција можат да им се дават на заинтересирани државни органи ако постои оправдан интерес заснован врз закон. Значи, товарот на прибирање на податоци за осудуваност или неосудуваност, законодавецот го префрла на заинтересирани органи, во случајот ДИК, ако постои оправдан интерес заснован врз закон - на пример кога некој се предлага за пратеник во собрание. Со еден збор, според логиката на правото и запишаното во Изборниот законик, листите на НДМ за кандидати за пратеници треба да бидат потврдени, а според логиката на политиката и политичките сценарија листите треба да бидат отфрлени.
ПРЕС24: Вие учествувате на речиси сите избори досега, имате искуство. Не знаевте ли дека во документацијата до ДИК треба да се достават и овие податоци кои ДИК ги бара, или пак тоа до сега не било пракса?
БАЧЕВ: ДИК и досега ги бараше овие податоци, но, во меѓувреме, од страна на правната комисија во партијата бевме запознаени дека ваквата практика на ДИК не базира на законот. Патем, не е на одмет да кажам дека ваквото самоволие на ДИК значи сериозни финансиски издатоци, бидејќи тие уверенија подлежат на судски такси по околу 500 денари или вкупно околу 60.000 денари за сите 120 кандидати, но, многу побитно е што следат локални избори на кои имаме и по околу 1.000 кандидати во бројните наши советнички листи низ земјата, што значи дека за сите тие судски уверенија ќе треба да платиме околу 500.000 денари, да повторам, давачки кои не се засновани на закон.
ПРЕС24: Има ли според Вас друга позадина во неприфаќањето на вашите листи?
БАЧЕВ: Според нашите информации, германскиот посредник Јоханес Хајндл на средбите со Груевски, Заев, Ахмети и Тачи им оставил да одберат една од трите варијанти за свикување на собранието и одложување на изборите: 1. Иницијатива до Уставниот суд (реализирано од ДУИ), 2. Известување од ДИК до Собранието дека во три изборни единици има отстапување од законски дозволениот број на гласачи по изборна единица (реализирано од ДИК) и 3. да се отфрлат листите на НДМ и да се креира ситуација дека наводно е недозволиво во едно демократско општество да има избори само со една изборна листа (оваа изборна операција е во тек). Со еден збор листите на НДМ се еден вид на колатерална штета.
ПРЕС24: Бранко Јаневски и СДПМ до ДИК испратиле допис дека им е вршен притисок да се повлечат од учество во изборната трка. Вие трпевте ли некакви притисоци за такво нешто?
БАЧЕВ: Ако може да се нарече притисок, после обелоденувањето на одлуката на НДМ за настап на изборите, речиси секојдневно сме изложени на енормно голем број на навреди и закани од дежурните активисти на СДСМ по социјалните мрежи кои по цела ноќ ги ранат со сендвичи и сокови за да фрлаат најприземни навреди и закани спрема НДМ и мене лично.
ПРЕС24: Зошто се одлучивте да учествувате на изборите. Опозицијата Ве обвинуваше дека на тој начин и помагате на власта?
БАЧЕВ: Настапот на НДМ на изборите на 5-ти јуни е во духот на нашите заложби во однос на длабоката политичка криза во која е заглавена земјата. Да потсетам, НДМ цело време бараше кризата да се решава на домашен терен, со домашна политичка памет, со домашно политичко единство и со сопствениот народ како најсилна брана против секаква закана и во оваа насока ги повикувавме Груевски и Заев да го израдуваат македонскиот народ со домашно решение. За жал, СДСМ го одбра спротивното, и нивното однесување се сведува(ше) на барањето за целосно инволвирање на странците, кое нешто гледаме дека е на штета на народот и државата со дипломатскиот хорор во земјата.
И во оваа прилика повикувам наместо во Брисел и Вашингтон, тука во сопствената држава да ја водиме својата политичка борба доколку не сме задоволни од актуелната власт. Недозволиво е шетањето во странските центри и таму да се оцрнува својата држава. Истите треба да знаат дека со своите активности кај странските ментори само придонесуваат за уривање на сопствената држава, а простата вистина вели дека без оглед на нивниот личен просперитет и бенефициите што ги добиваат од своите странски ментори, доколку државата Македонија ја уриваат сите на крајот како Македонци ќе не затрупа. Затоа, НДМ апелира во Македонија да се води политичката борба, бидејќи кога просперира Македонија тоа е повеќе од корист за сите нас како поединци, отколку кога тие просперираат секој за себе.
Прашањето како ќе се владее со Македонија се решава во Македонија, а не во Брисел, па затоа, сите ние кои сме инволвирани во политиката со сите расположливи демократски механизми да ја водиме борбата за смена на власта доколку не сме задоволни од нејзе, а не да се оцрнува сопствената држава кај европските бирократи. Земајќи предвид дека СДСМ се одлучи за бојкот на изборите, ние во НДМ кога одлучивме да настапиме на изборите, бевме длабоко свесни за тешката изборна битка што ни претстои со Коалицијата „За подобра Македонија„ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, НДМ силно верува дека е созреан моментот народот да го разбие двопартизмот во Македонија, во кој 25 години на власт се менуваат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
ПРЕС24: Сега практично на гласачкото ливче ќе има еден избор. Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ. Деновиве има многу дилеми дали овие избори на овој начин ќе бидат легитимни?
БАЧЕВ: Изборите се процес со кој народот му го доверува прашањето на политичката власт на претставничкото тело и со нив и преку нив државната власт се стекнува со легитимитет и со легалитет.
Дури и со една листа доколку изборите бидат чесни, не се доведува во прашање легалитетот и легитимноста. Во спротивно, тогаш, ајде да ги прогласиме и досегашните избори за нелегитимни, бидејќи во Македонија има повеќепартиски систем со над 50 политички партии, а во реалноста 25 години имаме псевдопартиски систем на владеење на две партии кои се менуваат на власт. Дури, со измените во Изборниот законик видовме дека Груевски и Заев си запишаа решенија кои даваат екстремно привилегирана положба само за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а од друга страна ја гледаме големата измама кога велат дека сакаат еднаков третман на сите партии. Или пак, колку за илустрација, во Белгија, земјата од каде доаѓа здодевниот вознемирувачки агитатор Питер Ванхојте, гласањето е задолжителна обврска на граѓаните кои преку политичката пресија изразена преку санкции задолжително излегуваат на избори. Дали тоа значи дека изборите во Белгија не се легитимни, штом власта со притисок и санкции ги тера граѓаните да излезат на гласање?!
ПРЕС24: Во опција се неколку иницијативи и на ДУИ до Уставниот суд за да се поништи одлуката за распуштање на Парламентот, меѓународната заедница веќе се изјасни дека нема да ја легитимира новата власт со избори во кои има само еден избор. Дали ќе има избори на 5 јуни?
БАЧЕВ: Гледајќи го силниот притисок од странците и длабокото политичко неединство кое ја прави земјата ранлива и неотпорна на таквиот притисок, многу е веројатно дека ќе има повторно одлагање на изборите. За НДМ нема дилема. Изборите не се прашање на моментот, туку процес во кој треба да дојде до демонтирање на двопартизмот на двете партии кои 25 години се менуваат на власт. Оттука, ако нема избори на 5-ти јуни, ќе има на 5-ти во некој друг месец и не гледаме причина НДМ да не го повтори истото, односно, пак да излезе со листи за пратеници. Најбитно е што НДМ го започна процесот на демонтирање на политичкиот монопол на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, решително, храбро, и во интерес на народот.
ПРЕС24: Како ги оценувате секојдневните протести на опозицијата наречени „Шарена Револуција“ и секојдневното бојдаисување на спомениците, институциите?
БАЧЕВ: За секаква осуда е уништувањето на историските и културните споменици. „Шарената„ е најдолното, најлошото нешто што и се случува на Македонија. Во отсуство на народна поддршка за вистинска револуција, сега една група низ целата земја си игра некаква„Шарена револуција„. Поточно, „шарените„ на протестите се тие од резервната клупа на СДСМ, кои своевремено со промената на власта ги изгубија привилегиите и евидентно е дека десетодишното дремење во опозиција ги прави нервозни. Меѓутоа, од слабата посетеност на протестите се гледа дека народот не наседнува на овие трикови дека се протестира за негово добро, туку ја гледа големата измама дека сдсмовските протестанти се таму да дојде до промена на власта и да седнат во нивните фотелји.
ПРЕС24: Има ли опасност од некаков внатрешен конфликт меѓу Македонците?
БАЧЕВ: Внатрешен конфликт може да постои за тоа кој каква политика ќе води во областа на економијата спортот, културата, земјоделието...меѓутоа, мора да се постигне домашно единство за виталните интереси на државата. Крајно време е заеднички да ги утврдиме неколкуте точки од витален интерес за Македонија во кои никој нема да чепка без оглед кој ќе победува на изборите.
Едно е јасно. Проблемите не можеме и не смееме да ги бараме на друго место, во другите националности, во меѓународниот фактор, кај соседите или којзнае каде. Не! Тие се овдешни, во нас Македонците, во системот во кој живееме, во принципите што ги прифативме и според кои се раководиме во нашето живеење и делување, неединството и отсуството на минимум политички консензус за фундаменталните државни и национални интереси... Истовремено, како НДМ длабоко загрижени од актуелната криза во земјата и од преспективите за нејзино продлабочување, веруваме дека нејзиното разрешување ќе претставува чекор во намалување на опасноста од дестабилизација. Веруваме, дека едно брзо и прифатливо разрешување на разликите е во интерес на народот. За НДМ нема дилема. Повеќе немаме простор за грешки во актуелната криза. А, според наше мислење најголемата би била ако земјата биде вовлечена во граѓанска војна.
Токму затоа НДМ презеде една поактивна улога за да помогне во изнаоѓање на решение кое ќе ни овозможи на сите овој проблем да го сметаме за проблем на минатото и во оваа нсаока на 18 мај минатата година лично им доставивме на Груевски и Заев еден предлог-план од 7 точки за надминување на кризата од кои прифатија три точки.
ПРЕС24: Колку според Вас се реални најавите за можно украинско сценарио?
БАЧЕВ: Јас лично, и НДМ, ја споделуваме со народот вознемиреноста, не само како една од политичките партии во земјата, туку и како Македонци кој добро ја познаваат историјата и проблемите во земјата и кои ги преживеале болните авантури и несреќните интервенции на вонмакедонските фактори. Засега, евидентно е дека изостанува народната подршка за креаторите на како што велите можното украинско сценарио, а тоа се виде и од протестите со поставените шатори пред владата каде протестантите беа двајца-без тројца и дури според информации кои протекоа во јавноста морало да се даваат и дневници по 1.000 денари за некаква приустност.
ПРЕС24: Една од тезите во јавноста е дека целата криза е производ на странски фактор чија крајна цел е рушење на оваа „непопустлива“ власт и инсталирање нова која треба да одработи промена на името на Македонија? Колку има вистина во ова?
БАЧЕВ: Во моментот, зад сцената не е само прашањето за името, туку во игра сега е и кантонизацијата на земјата, со што се настојува да се зададе завршниот удар на Македонија и Македонците. Ја користам приликата да ја реафирмирам позицијата на НДМ за формирање Совет на политичките лидери во кој би се разгледувале предлози и идеи за одбрана на името - Република Македонија. Во Советот би биле претставени сите партии и во него на едно место би била собрана целокупната политичка памет во земјата, со што се отвора патот за домашно единство во спорот за името како прашање од највисок национален интерес. Немерлива е користа преку широки консултации да се слушнат мислењата на сите партии во еден Совет на политички лидери за името.
Инаку, лично сметам дека е созреан моментот Македонија да направи радикален пресврт и спорот за името од политичкиот да го префрли на правниот терен каде што му е место. Ако е за утеха, постојат механизми за враќање на уставното име на РМ во ООН. Во секое зло, добро. Според моите научни истражувања, анализата на општото меѓународно право и правото на ООН, појаснува дека правно-технички, остварувањето на правото на РМ за враќање на уставното име во Организацијата е можно со преземањето на потребните активности преку четири главни органи на ООН.
ПРЕС24: Како според Вас ќе се реши политичката криза?
БАЧЕВ: Кризата треба да се реши на домашен терен и со сопствениот народ. Преку избори како основен иструмент на секое демократско општество за мирно освојување на власта. Меѓутоа, народот повеќе нема простор за грешки на претстојните избори. А најголемата грешка би била ако продолжи агонијата со воспоставениот двопартизам. Големите изборни победи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои ги имавме во изминатите 25 години се несреќа за народот, бидејќи така само широко се отвораше портата еден политички реваншизам да се замени со друг.
НДМ како партија која се бори за одбрана на националните интереси, поаѓајќи од сопствената одговорност не може да стои настрана во овие тешки моменти за земјата, заради што бевме исправени пред предизвикот да учествуваме на изборите. Имаме милиони причини, историски и наметнати, политички и економски, реални и ирационални за делби и поделби на македонското национално ткиво. Една, единствена мисла е заедничка за сите нас-љубовта кон Македонија! Кога тоа ќе го разбереме, ги отвораме вратите за решавање на сите сегашни проблеми и отвораме простор за иднината на нашите деца, на нашето семејство, на нашата единствена татковина Македонија! Народно движење за Македонија го прави долгоочекуваниоот чекор во интерес на Македонија. На потег е сега народот!
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа