МЕПСО почнува со градба на последната делница од далекуводот Скопје-Тетово
МЕПСО од утре ќе почне градежни и електромонтажни работи на последната делница од новиот 110 киловолтен далекувод што ќе ги поврзува трансформаторските станици „Скопје 1“, „Југохром“, „Јегуновце“ и „Тетово 1“.
Работите, како што соопштуваат од компанијата, ќе се одвиваат во близина на Тетово. - За таа цел од утре ќе мора да биде исклучен далеководот што сега ги поврзува Скопје и Тетово затоа што на постоечката траса ќе се уриваат старите и ќе се градат нови далекуводни столбови, се вели во соопштението од МЕПСО.
Новиот далекувод се гради со цел да се одговори на растечките потреби за потрошувачка на електрична енергија на полошкиот регион и да се обезбеди стабилно и доверливо снабдување на сите потрошувачи со квалитетна електрична енергија за среднорочен период во идните дваесетина години. Тоа е инвестиција вредна над 3,5 милиони евра. Новиот далекувод ќе го замени постоечкиот што беше во функција подолго од 60 години, стои во соопштението.
Заради изградбата на далекуводот Тетово и околните населени места ќе останат да се снабдуваат со електрична енергија од страната на Гостивар. МЕПСО, наведуваат во соопштението, ги презеде сите потребни технички мерки за непречено и доверливо снабдување со електрична енергија на Тетово и околните населени места. Сепак заради едностраното снабдување со електрична енергија предизвикано од објективни околности т.е. изградбата на далекуводот, а имајќи го предвид фактот дека Тетово и околината се голем конзумен регион, не може да се исклучи мал ризик од повремени и краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија. МЕПСО ги презеде сите мерки за периодот на градба што е планиран да трае 40 работни дена со стручните екипи што се подготвени во најкраток рок да интервенираат и да отстранат евентуалните пречки што можат да се појават при снабдувањето со електрична енергија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа