Бонева: Се стопија 300.000 фантомски гласачи

Се стопија 300.000 фантомски гласачи. Жалам што ќе ги разочарам сите што со сите сили го попречуваа работењето на ДИК. Членот на Државната изборна комисија Силвана Бонева вели дека комисијата ја заврши својата работа

„Се стопија  300 000 фантомски гласачи!
Жал ми е што ќе ги разочарам сите што со сите сили го попречуваа работењето на ДИК и што не сакаа да си ја завршиме работата поврзана со проверка и прочистување на избирачкиот список. Горда сум што сум дел од тимот што успеа да направи сестрани проверки на сите гласачи. Оваа постапка ја нема направено ниедна земја во светот, а уште погорда сум на резултатот! Шест членови на ДИК го изгласавме и стоиме зад веродостојноста на избирачкиот список! Продолжуваме со ажурирањето по службена должност, по барање на граѓаните за запишување, промена и бришење во избирачкиот список, со приложена документација, а после 9 ти мај и по барање на партиите!“ – напиша Бонева на социјалните мрежи.

Со шест гласа за и еден против вчера членовите на Државната изборна комисија го усвоија извештајот од вкрстените, теренските и административните проверки на избирачкиот список. Со ова, патот до изборите на 5-ти јуни е чист.

Двајцата членови од СДСМ не присуствуваа, а претседателот Александар Чичаковски гласаше против. Според Силвана Бонева и Сашко Срцев, расчистени се сите дилеми и Избирачкиот список може да гарантира веродостојни и кредибилни избори.

Инаку, од денеска, според роковникот на Државната изборна комисија, сите заинтересирани граѓани на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, имаат право да поднесат листа на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија за изборната единица број 7.

Рокот за собирање потписи пред ДИК, односно во подрачните одделенија, како и во ДКП, е од 25 април до 9 мај 2016 година.

Од вчера ДИК го стави на јавен увид избирачкиот список. Граѓаните, наредните 15 дена може да проверат дали ги има на списокот електронски, на веб-страницата на ДИК или лично, во подрачните одделенија на комисијата.

Рокот за проверка е 15 дена. Увидот во избирачкиот список може да се изврши секој ден од 8.30 до 19 часот во подрачните одделенија на ДИК, додека проверката на веб-страницата на Комисијата се врши само со матичен број.

Партиите пак, кандидатските листи ќе треба да ги заклучат на 11 мај за веќе од 16 да започне изборната кампања. Крајниот избирачки список треба да биде готов на 19 мај.

 

 

 
 
27.04.2016 - 12:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега