Иванов не размислува за оставка - за аболицијата нема решение

Се уште не е најден правен начин да се повлече аболицијата на Претседателот Иванов. Високи извори од претседателскиот кабинет за Press24 велат дека Претседателот е во постојана комуникација со многу правни експерти и сите они кои сметаат дека можат да дадат придонес, но до овој момент, правно решение не е најдено.

Од кабинетот велат дека одлуката на Иванов мора да биде во согласност со Уставот на Македонија и дека тоа е црвената линија која Претседателот нема да ја помине. Меѓутоа, како што вели нашиот извор, до овој момент, се уште никој не понудил решение кое би значело повлекување на одлуката за оние политичари кои за тоа доставија барање до Претседателот, а тоа да биде во согласност со Уставот.

Од кабинетот на Претседателот велат дека комплетно неточни се информациите дека Иванов се подготвувал да си поднесе оставка на функцијата.
„Таква опција никогаш не се разгледувала. Информациите кои ги објавија некои медиуми се апсолутно неточни“ – вели нашиот извор.

Претседателот Иванов пред неколку недели ја искористи законската можност и ослободи од кривично гонење вкупно 56 лица против кои веќе се водеа кривични постапки, или пак постапките беа во фаза на истрага. Голем број функционери лично побараа од Претседателот да ја повлече аболицијата која се однесува на нив.

 
 
27.04.2016 - 11:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега