Груевски се сретна со вицегувернерот на Парана - еве што си кажаа
Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, вчера, во градот Куричиба, во Бразил, оствари средба со вицегувернерот на федералната држава Парана, Флавио Арнс.
-Федералната држава Парана се карактеризира со исклучително развиен сектор на земјоделство и агробизнис, автомобилска индустрија и информатички технологии, а главниот град Куричиба претставува еден од поголемите економски и индустриски центри во Федеративната Република Бразил, стои во соопштението од македонската Влада.
На средбата, информираат од Владата, била изразена политичката волја за унапредување на меѓусебните односи во секоја сфера од заемен интерес, и развој на соработката во повеќе полиња.
Акцентирани биле сферата на економијата, можностите за соработка во областа на земјоделството и агробизнисот, разработка на можностите за интензивирање на трговската размена и соработката на полето на инвестициите, и градењето на платформа за динамична соработка на полето на образованието.
Премиерот Груевски ги истакнал реформите кои се спроведуваат во нашата земја за унапредување на деловната клима и поволностите кои се овозможуваат за потенцијалните странски инвеститори. Тој се осврнал и на реформите во образованието и ја истакнал иницијативата на Македонија за соработка во областа на образованието помеѓу институциите и универзитетите од двете страни.
-Вицегувернерот Арнс посочи дека федералната држава Парана е заинтересирана за градење на успешни односи со Република Македонија, и ја афирмираше нивната волја за стимулирање на економските субјекти од регионот за разгледување на опциите и можностите кои ги нуди нашата земја, и за креирање на соработка со македонските стопански субјекти. Вицегувернерот, кој е поранешен повеќемандатен пратеник во бразилскиот Парламент и поранешен сенатор, се заложи за негов ангажман за побрзо заокружување на процесот на визна либерализација меѓу двете земји, информираат од Владата.
На средбата било договорено да се специфицираат понатамошните процедури за искористување на специјалните програми кои Парана и Бразил ги нудат за остварување на конкретна соработка во областа на образованието, и нивно насочување во еден дел и кон овозможување на соработка на образовно ниво со Република Македонија која би резултирала со размена на кадар, студенти, искуства и проекти.
- Соговорниците разговараа и за реализација на поактивна соработка на полето на економијата, за што беше констатирано во идниот период да се продолжи со комуникација за определување на области на интерес за продлабочување на односите, стои во соопштението од Владата.