Навални се врати во Москва: Одиме на избори и ќе победиме
Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални денеска се врати во Москва, каде беше пречекан од неколку стотици приврзаници откако беше привремено ослободен од затворот во Киров, додека се чека одлуката на судот на неговата жалба на пресудата, според која е осуден на пет години затвор поради корупција.
Приодот кон платформата на која пристигна возот од Киров беше блокиран од голем број полицајци, а претходно полицијата ја евакуираше железничката станица „Јарославски“ поради анонимна дојава за бомба, која не беше пронајдена.
Опозицискиот политичар беше пречекан од стотици луѓе кои извикнуваа: Навални, наш градоначалник.
На насобраните тој им порача дека ќе учествува на изборите за градоначалник на Москва. „Одиме на избори и ќе победиме“, порача Навални.
Тој уште најави дека ќе се бори за ослободување на сите политички затвореници, како членките на групата „Пуси рајот“ и луѓето на кои им се суди поради минатогодишните протести.