Одбележан 2 Април - Меѓународен ден за поддршка на лицата со аутизам

 

За поефикасно справување со аутизмот потребно е фокусирање на раната дијагностика и превенција, повеќе дневни центри низ Македонија за децата со аутизам и пред се, отворање дијагностички центар за аутизам и оформување регистар на лица со ова нарушување во Македонија.

Ова го изјави сопругата на претседателот Ѓорге Иванов, Маја Иванова, во својство на покровител на настанот посветен на одбележување на 2 Април – Меѓународниот ден на лицата со аутизам што денеска во Зоолошката градина во Скопје го организираше Здружението за третман на лицата со аутизам, АДХД и Апсергеров синдром „Во мојот свет“.

– Сакам да потенцирам дека почнаа многу работи да се организираат на полето на аутизмот, но никогаш не е доволно. Мора да продолжиме и понатаму со нашите активности затоа што статистичките податоци говорат дека бројот на случаи со аутизмот расте секојдневно, не само во Македонија туку и на глобално ниво и ова е глобален проблем. И Затоа денеска, пред се, сакам да порачам дека вниманието треба да го посветиме на раната дијагностика и раната превенција, на отворање повеќе дневни центри низ Македонија каде ќе може децата да се собираат и да имаатпосебни активности, стручна подготовка и обуки на стручен медицински персонал кој ќе работи со лицата со аутизам. Пред се, многу битно, оформување на еден регистар колку луѓе имамме во Македонија со аутизам и она што е најзначајно, е отворање на дијагностички центар за аутизам кој што се надевам дека во најскоро време ќе биде отворен, рече Иванова.

Таа нагласи дека РМ од 2010 година се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден на лицара со аутизам.

– Оттогаш па наваму, на овој ден го креваме нашиот глас за да ја подигнеме јавната свест во општеството дека аутизмот постои, како треба да се третира аутизмот во општеството и како треба да се третираат лицата со аутизам. Аутизмот не е болест, не е ни најмалку заразна болест, туку претставува едно душевно нарушување. Не случајно децата со оваа болест ги нарекуваат „тивки мудреци“, затоа што тие живеат во еден посебен свет со едни свои таленти и навики, нагласи Иванова.

Воедно, додаде дека и Кабинетот на Претседастелот годинава ќе се вклучи во меѓународната кампања „да се обои светот во сино“ за поддршка на лицата со аутизам.

Горан Петрушев претседател на Здружението на дефектолози на Македонија исто така смета дека од клучно значење е отворање дијагностички центар за аутизам.

– Во моментов сите здруженија работат на лобирање за отворање центар за аутизам, во кој би се вршела дијагностика и третман на лицата со аутизам во нашата држава. На овој план работите се движат напред бидејќи сите чинители се заинтересирани и знаат дека тоа е потребно и се надеваме дека оваа или наредната 2017 година тој ќе се отвори, рече Петрушев.

На новинарско прашање рече дека нема доволно дефектолози во образовниот систем кои можат да работа со овие деца, но важно е вели да се направи системки пристап во однос на инклузијата на лицата со аутизам, како и посебни просторни услови и обука за наставниците за работа со овие деца.

Меѓу гостите на настанот беа претставници на дипломатскиот кор, членови на мото-клубот „Ноќни волци“, како и претставници на општествено одговорни компании, а беше изведена и пригодна програма со учество на реномирани македонски естрадни уметници, на ученици од ОУ „Петар Здравковски – Пенко“ и други млади автори.

Здружението „Во мојот свет“ и оваа година по повод Меѓународниот ден на лицата со аутизам ќе се вклучи во светската кампања насловена „Да осветлиме во сино“, како поддршка на овие лица. Со почеток во 19 часот во сина боја покрај Претседателкиот кабинет, ќе бидат осветлени и Археолошкиот музеј и зградата на Министерството за надворепни работи.

Втори Април се одбележува како светски ден посветен на информирање и активизам за аутизмот, почнувајќи од 2008 година. Воведен е со одлука на Генералното собрание на ОН, усвоена на 18 декември 2007 година по предлог на Катар и поддржана од сите земји-членки.

 
 
02.04.2016 - 14:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега