Што велат роднините на киднаперот на авионот?
Киднаперот на египетскиот патнички авион, Ибрахим Самаха, боледува од психичко растројство, изјавија негови роднини за телевизијата „Ал Арабија“, пренесе ТАСС.
Утврдено е дека Самаха е професор по ветеринарна медицина на универзитетот во Александрија и со договор за дело работел како предавач на универзитетот во Атланта, во САД, а имал американско државјанство и постојано жителство во провинцијата Александрија.
Самаха бил регистриран во патничкиот авион А320, што бил на летот од Александрија за Каиро. Египетската телевизија ги објави првите снимки од аеродромот во Ларнака. Судејќи по нив, Ибрахим Самаха е на возраст од околу 50 години. Телевизијата соопшти дека тој на Кипар побарал преведувач и политички азил.
Во меѓувреме агенциите пренесоа дека биле ослободени уште петмина заложници.
Во грабнатиот египетски авион патувале и 21 странец - осуммина Американци, по четворица Британци и Холанѓани, двајца Белгијци, еден Французин, еден Сириец и еден Италијанец, информира египетското Министерство за цивилна авијација, цитирано од француските медиуми. Останатите патници најверојатно биле Египтѓани.
Министерството на цивилна авијација уверува дека авионот превезувал вкупно 81 патник, додека авиокомпанијата „Иџиптер“ тврди дека во него имало само 55 патници, забележуваат француските медиуми.
Египетскиот министер за цивилна авијација на вонредна прес конференција во Каиро соопшти дека во моментов во киднапираниот авион се останати седум лица, вклучувајќи и тројца патници.
Според кипарските извори, засега не е потврдена информацијата дека во авионот има бомба
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа