Марта Томовска Арсовска: Саморегулацијата е патот кон професионалноста

Саморегулацијата е основниот и вистински процес за постигнување на професионалност во новинарската свера. Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Томовска Арсовска во интервју за Прес 24, вели дека не постојат „брзи, евтини и лесни“ решенија за спроведување на реформите и дека професионалноста не секогаш зависи од законските решенија.

-Цврсто остануваме на заложбата дека она што треба да се стимулира и поддржи во следниот период е воведување на обврска медиумите да усвојат саморегулаторен акт во кој прецизно ќе бидат пропишани правилата на игра, односно релациите меѓу сопствениците, уредниците и новинарите. Ова не само што ќе обезбеди на подобри работни услови на новинарите, туку и ќе ја унапреди нивната слобода во однос на јавното информирање, начинот на прибирање, истражување, објавување, избор и пренесување на информации. Треба јавно и транспарентно да бидат дефинирани професионалните и етичките стандарди кои медиумот се обврзува да ги почитува, а ќе треба да се обезбедат и механизми за жалби и реакции од јавноста во однос на почитувањето на усвоените стандарди. Затоа сметаме дека почитувањето на новинарската етика, преку усвојување на Кодекс за професионални стандарди на ниво на медиум, но и на ниво на фелата, каков што веќе има донесено Советот за етика во медиумите, може многу да придонесе за фер-плеј во оваа сфера, вели Томовска Арсовска за Прес 24, потенцирајќи дека регулацијата на медиумите во изборниот период е многу прецизно пропишана со измените на Изборниот законик, кој беше договорен од страна на сите партии учесници во преговорите.

-Во однос на периодот пред и по избори, нашите позиции се дека постојните закони се целосно усогласени со Европските директиви од оваа област и како такви ќе обезбедат солидна имплементација на започнатите реформи. Но оставивме простор за дополнително унапредување на медумската сфера и на преговорите во Клубот на пратениците дававме конструктивни предлози, кои ќе обезбедеа уште поквалитетни и потранспарентни решенија, вели министерката.

Таа смета дека изминативе години се постигнати значајни успеси во процесите на реформа во администрацијата, нагласувајќи дека „успехот не се постигнува преку слаткоречивост и додворување, не е кој повеќе и погласно ветува, кој повеќе и погласно критикува, туку одговорност да се сработи она за што граѓаните ја дале довербата.“

-Донесени се Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор и пакет од 50-тина материјални закони од различни области со кои за првпат сите вработени во јавниот сектор се опфатени во единствен систем. За првпат се утврди унифицирана класификација на работните места во единствен каталог и се воспостави единствен регистар за сите вработени во јавниот сектор. Излеговме со прецизен податок за бројот на вработените, ги затворивме устите на сите кои ја квалификуваа јавната администрација како преобемна и пренатрупана. За првпат стручното усовршување на административните службеници е регулирано како законска обврска, како за службениците, така и за самата институција во која тие работат. Секој административен службеник има обврска да посети намалку 5 обуки во годината и тоа го направивме за континуирано да се унапредува стручноста на вработените како гаранција за постигнување поефикасни и поквалитетни јавни услуги. Најважната новина која се воведе со овие закони е воспоставување на целосен мерит систем во постапката за вработување, односно систем кој ќе обезбеди секое вработување во јавниот сектор да биде во транспарентна и конкурентска процедура, систем имун на какво било влијание и преку кој само најдобриот кандидат ќе биде селектиран и вработен во администрацијата, вели Марта Томовска-Арсовска во интервју за Прес24.

ПРЕС24: ВМРО-ДПМНЕ неодамна го објави новиот отчет за работењето и реализација на изборната програма. Во насловот на овој документ се наведува „Проекти, мерки и дела за граѓаните и државата. Ова е разликата!“. Важи ли овој слоган и за ресорот кој Вие го раководите? Која е разликата кога зборуваме за Министерството за информатичко општество и администрација?

ТОМОВСКА-АРСОВСКА: Новиот Отчет претставува продолжување на политиката на Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ да работи ефикасно и да испорачува. И како министерство ги надминавме сите очекувања и реализиравме многу повеќе од тоа што со програмата за овој дел од мандатот беше предвидено, испорачавме и работи кои не беа предвидени, а за кои сметавме дека се важни и ќе донесат подобрувања во македонското општество. Од оние кои ја тангираат пошироката јавност, ќе ги споменам на пр. доделувањето на ваучери за таблет компјутери за студентите, поевтинувањето на роаминг-услугите на мобилните оператори...

Трудот и посветеноста на моите колеги во министерството, но и на сите чинители на нашето информатичкото општество, обезбедија позиционирање на Република Македонија меѓу 10-те земји кои според Светскиот економски форум и неговиот последен Глобален извештај за информатичка технологија, најмногу напредувале во периодот од 2012 до 2015 година. Имено, од 143 земји во светот, нашата е позиционирана на 47 место, што претставува напредок од цели 20 места споредено со 2013 година. Навистина, од аспект на било која од областите од надлежност на министерството, има многу работи со кои можеме да бидеме задоволни. Во нашиот случај тоа се конкретни работи, кои граѓаните можат да ги видат и почувствуваат. Ете тоа е успех и за тоа сакаме да говориме. Успехот не се постигнува преку слаткоречивост и додворување, не е кој повеќе и погласно ветува, кој повеќе и погласно критикува, туку одговорност да се сработи она за што граѓаните ја дале довербата.

ПРЕС24: Може ли да се постигнат европски стандарди во работењето на администрацијата? Што конкретно реализиравте во областа јавна администрација?

ТОМОВСКА-АРСОВСКА:  Реформата на јавната администрација е приоритетна определба на Владата на Република Македонија, и истата е во фокусот на внимание на Европската Комисија и важна компонента за напредокот на нашата земја во процесот на пристапување во Европската Унија. Она кон што целиме како министерство е воспоставување на високи стандарди во работењето на администрацијата како гарант за обезбедување квалитетни, ефикасни и транспарентни услуги спрема граѓаните и фирмите. За нивно постигнување потребна е цврста одлучност за спроведување на реформски политики и спроведување на континуирани мерки кои системот ќе го унапредуваат, нешто што ние го имаме и сме спремни до крај да го истераме.

Реформските политики за кои споменав се новите административни закони кои ги донесовме и кои беа подготвени во соработка со Европската комисија. Донесени се Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор и пакет од 50-тина материјални закони од различни области со кои за првпат сите вработени во јавниот сектор се опфатени во единствен систем. За првпат се утврди унифицирана класификација на работните места во единствен каталог и се воспостави единствен регистар за сите вработени во јавниот сектор. Излеговме со прецизен податок за бројот на вработените, ги затворивме устите на сите кои ја квалификуваа јавната администрација како преобемна и пренатрупана. За првпат стручното усовршување на административните службеници е регулирано како законска обврска, како за службениците, така и за самата институција во која тие работат. Секој административен службеник има обврска да посети намалку 5 обуки во годината и тоа го направивме за континуирано да се унапредува стручноста на вработените како гаранција за постигнување поефикасни и поквалитетни јавни услуги. Најважната новина која се воведе со овие закони е воспоставување на целосен мерит систем во постапката за вработување, односно систем кој ќе обезбеди секое вработување во јавниот сектор да биде во транспарентна и конкурентска процедура, систем имун на какво било влијание и преку кој само најдобриот кандидат ќе биде селектиран и вработен во администрацијата. За практична реализација на оваа цел, како Влада инвестиравме во опремување на Агенцијата за администрација со напреден софтверски систем за полагање, нови компјутери, како и систем за снимање и систем за емитување на полагањето во живо. Воведовме системи за мерење на работната успешност на вработените, и сето ова го направивме за да се елиминираат сомнежите за влијанијата при вработувањето, унапредувањето или задржувањето на вработениот на работното место, но и да се зголеми довербата на граѓаните спрема јавниот сектор во целина. На прашањето како Република Македонија да постигне европски стандарди во работењето на администрацијата одговорот дојде и од самата Европска комисија која во Извештајот за напредокот бара ригорозна имплементација на овие нови закони.

ПРЕС24: Да позборуваме сега малку и за она со кое граѓаните се соочуваат секојдневно кога се работи за администрацијата. Администрација за граѓаните значи вадење на некој документ, остварување на различни права за кои надлежни се различни институции. Неретко има критики од граѓаните за бавност на одредени институции, долги процедури, нељубезност итн. Има ли механизми Министерството за информатичко општество и администрација да влијае во такви случаи?

ТОМОВСКА-АРСОВСКА:  Покрај законите за администрација за кои претходно говоревме, во јули 2015 година се донесе и новиот Закон за општата управна постапка (ЗОУП) со кој практично се заокружи системската правна рамка на реформата на јавната администрација. Ако фокусот на претходно споменатите закони за администрација е положбата, стручноста и компетентноста на вработените во јавната администрација, новиот ЗОУП се однесува на самата работа на институциите во обезбедување на јавните услуги. Со овој закон се скратија роковите на управните постапки и нив ги направи поедноставни и поекономични. Клучна новина е тоа што за првпат системски се уреди водењето на постапка преку еден јавен орган, односно едношалтерскиот систем. Наместо граѓанинот да оди од институција во институција и да ги прибавува потребните исправи и други докази за одреден документ, со новиот ЗОУП оваа обрска сега е на органот кој го издава тој документ. На пример, во постапка за остварување на право за социјална парична помош сѐ што граѓанинот треба да го направи е да се обрати до Центарот за социјални работи во своето подрачје и да достави документи од лична природа (како свидетелства, дипломи, лекарско уверение), а обврската за сите управни дејствија во постапката ќе ги изврши Центарот во име и за сметка на странката. Центарот за социјални работи во рок од 3 дена откако го примил барањето должен е да ги побара документите и доказите во име на странката од другите органи (Управа за јавни приходи, Управа за водење на матични книги, Агенција за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Фонд за пензиско и инвалидско осигурување и Министерство за внатрешни работи), а овие органи имаат рок од 3 дена истите да ги достават.

Спроведуваме и други проекти кои се во насока на детектирање на слабостите во работењето на институциите. Такви се проектите „Оцени ја администрацијата“, „Граѓански дневник“ и други. Истражувањето „Таен клиент“ покажа слабости и недостатоци во работењето на одредени институции, врз основа на кое истите изработија посебни акциски планови за отстранување на недостатоците, а чија реализација се следи на седниците на Владата на редовна основа. Граѓаните се сеќаваат и на проектот „Нема погрешна врата“ кој бара од административните службеници да имаат љубезен однос и нивна услужливост спрема странките без разлика дали тие се обратиле на вистинското место или канцеларија. Постои цела низа на проекти кои ги реализираме континуирано и се во насока на развивање на концептот на услужно ориентирана администрација.

Реформата на администрацијата е процес на континуирано подобрување на еден комплексен систем, и затоа се работи на унапредување на повеќе аспекти, како на пример на начинот на креирање на јавните политики, на политиките за управувањето со човечките ресурси, на внатрешната организација и работните процеси во самите институции, на соработката меѓу институциите, и сл.

ПРЕС24: Опозицијата и одредени невладини организации критикуваат дека институциите не ги вклучуваат граѓаните во процесите на донесување на јавните политики. Како прв човек на државен орган кој се грижи за реформирање на институциите кој е вашиот коментар? Држат ли овие критики?

ТОМОВСКА-АРСОВСКА:  Ако критиките се добронамерни, тие се добредојдени. Но ако имаат за цел политичка дискредитација, треба да се доведе во прашање кредибилитетот на оние кои критикуваат, што тие направиле кога биле на позиција или што конкретно предлагаат да се направи за да се унапреди некоја област. Чисто за пример, во однос на невладините организации...во текот на изминатиот месец беа организирани две јавни дебати во однос на реформата на јавната администрација, едната во организација на Собраниската комисија за европски прашања, втората во организација на Сигма, која впрочем е нашиот европски евалуатор во оваа област... Иако организаторите ги поканија сите релевантни невладини кои кои ја покриваат оваа област, од нив не добивме никаков предлог од проста причина што никој не се ни појави...

Како и да е, оваа Влада става силен фокус токму на граѓанската партиципативност и јавниот дијалог. Покрај традиционалните јавни расправи и консултации кои постојано се спроведуваат на важни теми од општественото живеење, Министерството обезбеди и технолошки модерни механизми кои обезбедуваат можност секој граѓанин, фирма или здружение на граѓани јавно да го каже своето мислење. Така, Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), претставува интернет платформа за информирање и консултации на сите заинтересирани страни во процесот на донесување на предлог-закони и други прописи на Владата уште во нивната фаза на подготовка. Системот се воведе во 2009 година и досега регистрирани се преку 450.000 посети на порталот. Понатаму, беше реализирана платформата Е-демократија со кој се воведе нов модерен метод на јавна расправа. Целта на овие проекти е да се зголеми транспарентноста и да се поттикне јавноста да учествува при подготовка на прописите за квалитативно подобрување на решенијата.

Законите за медиуми, кои се актуелни овој период, пред да бидат донесени беа предмет на консултации токму преку овие системи, покрај останатата екстензивната јавна расправа на традиционалните форми. Но секогаш постои можност за поголема отвореност и транспарентност, и затоа е важно засегнатите страни повеќе да се интересираат и повеќе да ги користат сите можности и канали за јавни консултации...

ПРЕС24: Токму прашањето за медиумите е следното кое го отвораме. Што толку многу недостасуваше во овие закони да предизвика ултимативни барања на опозицијата за нивна промена земајќи во предвид дека беа донесени пред само 2 години?

ТОМОВСКА-АРСОВСКА:  Законите за медиуми се донесоа на 26 декември 2013 година и беа предмет на широка јавна расправа, како што претходно посочив. Како министерство бевме целосно свесни за сенизитивноста на темата и водена беше целосно транспарентна процедура со вклученост на меѓународни експерти на Европската унија, Советот на Европа и ОБСЕ. Многу позиции и забелешки на заинтересираните страни, меѓу кои и на новинарските здруженија, беа инкорпорирани во конечниот текст на законите. Актуелните закони за медиуми целосно се усогласени со сите европски директиви во областа на медиумите и радиодифузната дејност. Конечно, ставот на ОБСЕ и г-ѓата Мијатовиќ по донесување на законите беше дека овие закони се добри и потребно е нивна имплементација.

ПРЕС24: Но во клубот на пратеници се преговараше и за медиумите...

ТОМОВСКА-АРСОВСКА:  Регулацијата на медиумите во изборниот период е многу прецизно пропишана со измените на Изборниот законик, кој беше договорен од страна на сите партии учесници во преговорите.

Во однос на периодот пред и по избори, нашите позиции се дека постојните закони се целосно усогласени со Европските директиви од оваа област и како такви ќе обезбедат солидна имплементација на започнатите реформи. Но оставивме простор за дополнително унапредување на медумската сфера и на преговорите во Клубот на пратениците дававме конструктивни предлози, кои ќе обезбедеа уште поквалитетни и потранспарентни решенија. Предлагавме реформи во јавниот сервис, обврска за транспарентно информирање на јавноста за финансирањето на медиумите, механизми за транспарентна распределба на средствата за реализација на кампањите од јавен интерес, полиберална казнена политика и одмерување на глобите за медиумите, како и други предлози кои ќе унапредеа медиумска сфера и ќе обезбедеа брза и ефикасна имплементација на итните реформски приоритети од оваа област... Сепак сметаме дека има и работи кои со закон не можат да се уредат, кои зависат од етичките и моралните стандарди на новинарите, и од тие причини предложивме истите да се унапредат преку саморегулација.

Од друга страна, од најголемата опозициска партија пристигнуваа во најмала рака “непристојни” предлози, за кои остри реакции пристигнаа и од самите новинари и нивните асоцијации. Така на пример, тие излегоа со барање за кадровски промени во Агенцијата за медиуми, нешто што воопшто не е дел од итните реформски приоритети кои за следниов краткорочен период ги предложи ЕУ, и кое барање дополнително го закомплицираа со условот политичка партија да даде предлог за директорот на Агенцијата... а јасно е, и самата дефиниција на Агенцијата за медиуми е дека таа е независно регулаторно тело!?. Понатаму, предлогот за финансирање на Агенцијата како независно тело и јавниот сервис исклучиво со средства од Буџетот на Република Македонија, кога за нив во најголем обем е веќе обезбедено независно финансирање преку радиодифузната такса, претставува чекор назад од постојното решение. Сепак, најмалку “реформски” беше предлогот за казнување или дури и затварање на медиумите за прекршување на новинарската етика. Со таквиот предлог доколку беше прифатен, целосно ќе се нарушеше слободата на изразување, слободата на уверување и јавното изразување на мислата, слободата на јавното информирање, и конечно независноста, плурализмот и разновидноста на медиумите, што е спротивно на Уставот на Република Македонија, Европската конвенција за човекови права, како и стандардите и препораките и на Советот на Европа и на ОБСЕ за поттикнување и подршка на саморегулација. Дополнително, пристапот со закон да се регулира и врши надзор над спроведувањето на професионалните и етички стандарди, особено во услови на нов медиумски екосистем, ја доведуваше во прашање функцијата и улогата на новинарските здруженија и саморегулаторните тела, како на пример Советот за етика во медиумите.

Имаше и многу други, логични, нелогични, конструктивни и неконструктивни предлози... Добро е што барем за дел од нив може да се извлече НЗС (најмал заеднички содржател, н.з.), затоа што тие во голем дел се разликуваа не само од партија до партија, туку и од новинарско здружение до здружение, од медумска асоцијација до асоцијација. ... Што ќе видиме деновиве во Собранието, има најави дека битката се сели на тој терен.

ПРЕС24: Добро, што е најважно да се направи за да се заштити и развие квалитетно и професионално новинарство?

ТОМОВСКА-АРСОВСКА:  Цврсто остануваме на заложбата дека она што треба да се стимулира и поддржи во следниот период е воведување на обврска медиумите да усвојат саморегулаторен акт во кој прецизно ќе бидат пропишани правилата на игра, односно релациите меѓу сопствениците, уредниците и новинарите. Ова не само што ќе обезбеди на подобри работни услови на новинарите, туку и ќе ја унапреди нивната слобода во однос на јавното информирање, начинот на прибирање, истражување, објавување, избор и пренесување на информации. Треба јавно и транспарентно да бидат дефинирани професионалните и етичките стандарди кои медиумот се обврзува да ги почитува, а ќе треба да се обезбедат и механизми за жалби и реакции од јавноста во однос на почитувањето на усвоените стандарди. Затоа сметаме дека почитувањето на новинарската етика, преку усвојување на Кодекс за професионални стандарди на ниво на медиум, но и на ниво на фелата, каков што веќе има донесено Советот за етика во медиумите, може многу да придонесе за фер-плеј во оваа сфера...

Не постојат „брзи, евтини и лесни“ решенија за спроведување на реформите. Реформата на медиумската сфера, како впрочем и во било која друга област е континуиран процес. Потребна е заедничка заложба на сите страни и еден партнерски и искрен однос. Затоа се залагаме дебатата да се шири и да допре до што поголем дел од засегнатите страни, да се надградува она што го имаме, наместо целосно да ги уриваме неговите постулати. Се залагаме за транспарентни правила, комплементарни на националното и европското законодавство

 
 
29.03.2016 - 10:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега