Вадефул: Постои можност во јуни да стартуваат преговорите со Македонија

Пратеникот од редовите на ЦДУ-ЦСУ Јохан Вадефул, по разговорот со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, за Дојче Веле изјави дека постои можност во јуни да бидат отворени пристапните преговори со Република Македонија.

- Постои можноста во јуни да биде дадено зелено светло за старт на пристапните преговори со Србија и Македонија. Конкретно за Македонија, во разговорот со министерот Попоски се осврнавме на две теми: бескрајната приказна за спорот со името и декемвриските случувања во Парламентот кои вознемирија многумина во Европа и кои очекуваме целосно да бидат расветлени. Што се однесува до спорот со името на повидок би било решавање на ова прашање во првата година од преговарачкиот процес, а не пред неговиот старт, изјави за ДВ Јохан Вадефул.

На прашањето дали тоа значи дека во јуни ќе се отворат пристапните преговори со Македонија, Вадефул одговори дека се уште е рано да се каже, но посочи дека тој така мисли.

- Мора да почекаме што ќе предложи комесарот Филе. Сега е важно сите учесници да видат како може да придонесат тој да направи добар предлог за Македонија. Тоа е и наша желба. Македонската страна знае што може и што треба да направи, по што Филе ќе биде во состојба да даде и добар предлог. Од друга страна, сега е момент на грчките пријатели да им се порача дека би било добро доколку во европски дух дојде до договор за спорот со името, рече Вадефул. 

Посочи дека на сите мора да им е јасно дека сносат заедничка одговорност за Западниот Балкан и дека европските вредности треба да се стават најнапред, пред сите останати.

- Европските се вредностите на разбирањето, на заемната доверба, а не на ограничувањето и исклучувањето. Верувам дека ова е основа за голема солидарност која сега мора да ја практикуваме. Затоа сметам дека за доброто на сите, Грција ќе помогне Западниот Балкан севкупно да напредува, искоментира Вадефул.

Со други зборови кажано, од предлогот на еврокомесарот Филе зависи дали во јуни Македонија конечно ќе добие датум за старт на пристапните преговори. А тој предлог зависи од исполнувањето на задачите кои македонската страна треба да ги заврши во делот на напредокот на реформите и во политичкиот дијалог. Врз основа на резултатите во овие две сфери (притоа не сметајќи ги постоечките пет препораки), еврокомесарот Филе треба во кусо време да донесе свој заклучок кој ќе го проследи до европските институции и од кој зависи дали Македонија во јуни воопшто ќе се најде на агендата за новото доближување на Западниот Балкан до ЕУ.

Дојче Веле истакнува дека по разговорите на Попоски во Берлин се поочигледно е позитивното расположение на пратениците од Бундестагот кон Македонија, кои први треба да дадат „зеленото светло“ за почеток на пристапниот процес кој понатаму ќе го визира германската влада на европско ниво.

- За нас е значајно што Германија, како најголема земја членка на ЕУ, не претставува пречка за Македонија. Сосема спротивно – пораките од пратениците на Бундестагот се дека тие би поддржале почеток на преговори, доколку за тоа бидат прашани. Германската и позицијата на Парламентот е дека е потребно процесот на проширувањето да не запре по зачленувањето на Хрватска. Воедно сметаат дека исклучително важно ќе бидат да се спроведат сите оние реформи кои се неопходни во процесот на преговорите за зачленување во ЕУ, вели министерот Попоски за Дојче Веле.

Според Попоски, клучниот предизвик останува во Атина и одлуките кои таму се носат треба да бидат базирани врз заедничкиот интерес.

- Кога се повикува на солидарност, таа треба да се однесува на Европската унија, а не со неа да се штитат определени индивидуални интереси кои само би воделе кон натаможно одлагање, нешто што не е од интерес ни на Македонија, ни на Грција, ниту на Германија и целата ЕУ“, подвлече шефот на македонската дипломатија Попоски.

 ФОТО: Канал 5

најчитано сега