Спасов: Целосно обновени 12 центри за вработување
Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во рамки на денешната посета на општина Виница ги посети Центарот за вработување и Центарот за социјални работи и изврши увид на работите околу нивното целосно реновирање.
- Реновирањето на Центарот за вработување и Центарот за социјални работи во Виница го започнавме во октомври минатата година и можам да кажам дека успеавме Центарот за вработување целосно да го уредиме во современ објект кој ќе им служи како на граѓаните кои бараат работа, така и на приватните компании кои бараат нови стручни кадри. Министерството за труд и социјална политика континуирано работи на создавање современи услови за работа и престој во центрите ширум земјава. За оваа намена користевме финансиски средства од ИПА програмата на ЕУ во износ од 2 милиони евра,за реновирање на 42 објекти ширум државата. Во овој проект се опфатени 18 центри за социјална работа, 12 дневни центри за лица со пречки во развојот и 12 центри за вработување, истакна Спасов.
Тој нагласи дека целосно се обновени 12 центри за вработување во државата меѓу кои спаѓа и виничкиот, а останатите дневни и социјални центри наскоро ќе бидат целкосно завршени.
Градоначалникот на општина Виница Емил Дончев ја истакна соработката со Министерството за труд и социјална политика посочувајќи дека за изминатите пет години се отворени две градинки во руралните средини и тоа во населените места Трсино и Истибање, реконструирани се Центрите за вработување и за Социјална работа, а во детската градинка во Виница е обновена фасадата и прозорците со што објектот стана енергетски поефикасен.
24.03.2016 - 14:25
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа