Стапката на невработеност галопирачки се намалува: Мерките даваат ефект
Стапката на невработеност во Република Македонија галопирачки се намалува. Економските мерки даваат резултат. Се поддржуваат домашните компании, се стимулираат со ниски трошоци да отворат нови работни места, се работи на привлекување нови странски инвестиции, се води политика на ниски даноци, парите остануваат во џебот на фирмите и на граѓаните, пишува Лидер.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат:
Извор: Државен завод за статистика
Од 2006 година досега, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, се отворени 150 илјади нови работни места.
-150.000 луѓе нашле работа, 150.000 луѓе одат на работа, се чувствуваат исполнето, примаат плата и можат да го издржуваат сопственото семејство и себеси со тие пари. На тие луѓе им е променета иднината, променет им е животот на подобро, тие луѓе можат да прават планови за купување куќа или изградба на куќа, за купување стан, за формирање семејство и сето она што во животот секој од нас сака да го постигне, вели вицепремиерот Ставрески.
Работни места и од домашните и од странските компании
Анализата на податоците покажува дека работни места отвораат и домашните компании и странските инвеститори во земјава. Само во странските фирми работат околу 16 илјади луѓе, а оваа бројка ќе се зголемува како резултат на развојните планови на компаниите кои веќе инвестираа во Македонија, но и како резултат на оние кои донесоа одлуки да влезат во земјава. Според првиот човек на слободните зони, досега само во ТИРЗ-овите се отворените 5.300 работни места, а нови 1.800 работни места ќе се отворат до крајот на годинава.
-До крајот на годинава нивниот план е да додадат уште дополнителни 1.800 работни места, што значи дека оваа бројка ќе биде 7.100 луѓе во зоните, само од оние компании кои во моментов се таму присутни. Во моментот кога овие компании ќе стигнат до оптималната вредност на нивните бизнис – планови ќе бидат вкупно креирани над 16,5 илјади работни места само од овие компании, вели Мизо.
Паралелно, домашните компании ангажираат работна сила преку проектот „Македонија вработува“ и другите активни мерки за вработување, со што од една страна се намалува стапката на невработеност, а од друга страна, на домашниот приватен сектор му се овозможува да се стекне со кадар по ниски трошоци, бидејќи дел од обврските паѓаат на товар на државата.
-Преку мерката за вработување млади до 29 години, која започна од март 2014 година и заврши на 14 март оваа година, вкупно се вработија 12.200 млади луѓе во 5.290 компании, вели Диме Спасов.
Преку „Македонија вработува“ досега се вработени повеќе од 15.200 луѓе.
-Проектот завршува на 15 април. Сакам да ги поттикнам приватните компании да ја искористат оваа шанса за заштеда на средства од 37 до 27 проценти, преку ослободување од трошоци или пак субвенција од страна на државата, вели Спасов.
На иста линија се и економистите и бизнисмените.
„Субвенционирањето, односно ослободувањето од придонеси во одреден дел е мерка која влијае на активната политика на вработување, со цел да се активираат ресурсите и да се намали стапката на невработеност“ – објаснува професорот Јован Пејковски.
„Со проектот се намалија трошоците за водење бизнис, бидејќи секое вработување намалено за социјалните придонеси е своевидна директна помош. Се работи за можност за компаниите да селектираат добра работна сила“ – оцени првиот човек на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков.
Ниски даноци и поволни кредити – стимул за бизнисот
Во услови на економски и должнички кризи во Европа, економијата на Македонија остана стабилна и ја покажа својата жилавост. Во вистинско време, Владата на стопанството му стави на располагање поволни кредити, а во исто време креираше цел сет мерки кои беа внимателно дизајнирани во корист на бизнисот. Со ниските даноци повеќе пари останаа кај компаниите кои можеа да ги користат согласно потребите, се укинаа низа бирократски процедури, се олеснија царините и извозот, македонското стопанство стана поконкурентно.
-Бизнис климата во 2006, 2005 и претходно не беше добра. Од тие причини, сите мерки и политики што ги направивме уште во првата програма беа насочени кон нејзино подобрување. Во тој дел можеме да констатираме дека сме оствариле голем резултат, со тоа што според сите индикатори што ја мерат бизнис – климата во Македонија има огромен напредок, вели Ставрески.
Капиталните инвестиции го движат стопанството
Првиот финансиер Ставрески порачува и дека и во претстојниот период ќе се реализираат крупни капитални инфраструктурни проекти, што значи повеќе работа за домашните компании.
-Во 2015 година капиталните инвестиции беа 27 милијарди денари. Тие 27 милијарди денари се три пати повеќе во однос на капиталните инвестиции во 2006 година. Тогаш за капитални инвестиции се одвојуваа 9 милијарди денари. Замислете колкав е растот на капиталните инвестиции, сето тоа овозможува да се реализираат голем број проекти, а голем број проекти значи ангажирање на голем број фирми, а тоа значи голем број работни места, вели Ставрески.
Од 2007 до 2015 од буџетот се реализирани капитални инвестиции во износ од 174 милијарди денари.
-Капиталните проекти, како изградбата на трите автопати, на многу брзи патишта, регионални патишта се основата за развој на секоја економија. Поттикнуваме и во иднина изградба на други патишта, да се инвестира во инфраструктурата, вели претседателот на градежната комора при ССК, Роберт Хот.
Капиталните проекти и мерките кои го стимулираат бизнис – секторот на крајот испорачуваат солидни стапки на економски раст, што е нотирано во сите рангирања на меѓународните финансиски институции.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа