ВМРО-ДПМНЕ: Јанева да се извини за навредите кон Македонија и македонскиот народ
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија најостро ја осудува изјавата на госпоѓа Катица Јанева со која таа го оспорува легитимитето на Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, Владата и Уставниот суд.
Изјавата на госпоѓа Катица Јанева е политичка изјава, би рекол и партиска изјава. Катица Јанева вчера не беше ниту правник, ниту јавен обвинител, туку беше портпарол на опозициска политичка партија.
Изјавата на госпоѓа Јанева е многу опасна и сериозно штетна за државноста и суверенитетот на Република Македонија. Ако се земе за сериозна, оваа изјава значи дека Република Македонија нема институции, нема Собрание, нема Претседател, нема Влада и нема Уставен суд. Односно оваа изјава значи дека Република Македонија формално не постои и не постои нејзиниот правен поредок.
Оваа изјава наликува дека е обид за демонтажа на Република Македонија. Во минатите дваесетина години сме навикнати на вакви изјави од официјални лица надвор од Република Македонија, но овој пат жално е тоа што доаѓа од нејзин граѓанин, вршител на одговорна функција.
Обидот за делегитимирање на органот кој го донел законот по кој госпоѓа Катица Јанева е избрана, органот кој го одобрил финансискиот план за работа и органот кој конечено ја бирал Катица Јанева е делегитимирање на самата себе и на својата улога.
Според тврдењето на Јанева, законот со кој е избрана, финансискот план според кој добива 4 милиони евра годишно и одлуките за нејзин избор се нелегитимни. Тоа значи дека не постои ниту институцијата со која раководи госпоѓата Јанева, ниту пак таа е избрана да ја раководи таа институција.
Според госпоѓа Јанева нелегитимни се законите со кои ова Собрание донело одлука за земјоделски субвенции, за зголемување на платитие на армијата, полицијата, во образованието, во здравството. Нелегитимни би биле одлуките за зголемување на пензиите, за намалување на даноците и придонесите. Според оваа изјава нелегитимни се и прогласувањето на кризна состојба на јужната граница и ангажманот на Армијата на Република Македонија за заштита на државата.
Според оваа изјава на госпоѓа Јанева ние како држава немаме официјален орган кој може да не претставува во меѓународните односи, немаме свој суверенитет и немаме највисоки државни органи. Оваа изјава значи дека Македонија треба да стане протекторат на некој од надвор, а овој народ да го изгуби правото да одлучува самиот за себе.
Уставниот суд е биран од истото Собрание од кое и самата Катица Јанева е избрана. Ако нема легитимитет Уставниот суд, зошто би имала таа?
Конечно, Претседателот на Република Македонија е избран со најголемо мнозинсинство што било кој Претседател го добил на избори. Ако одлуката на тие граѓани е нелегитимна, тогаш како изјавите и постапките на Јанева се легитимни?
Со вчерашната изјава госпоѓата Катица Јанева излегува надвор од своите надлежности.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија нема намера да остане нема и да не се спротистави и на овој обид и на бил кој друг обид за нарушување на легитимитетот на институциите и нивното значење за сувереноста на државата.
Илјадници граѓани, вчера и денес, реагираат до нас со многу поостри реакции и барања и бараат од нас да не дозволиме госпоѓата Катица Јанева и нејзината институција да биде маша во рацете на сите кои сакаат да го оспорат постоењето на оваа држава, овој Устав и сувереноста на овој народ.
Ги поздравуваме острите реакции од страна на Претседателот на Република Македонија и од страна на Собранието на Република Македонија.
Бараме, во име на мнозинството на пратеници и на сите граѓани на Република Македонија, госпоѓата Катица Јанева да се извини за навредата спрема државата Република Македонија, спрема македонскиот народ и спрема сите граѓани.
Бараме, од останатите партии и сите останати фактори да се оградат и да ја осудат оваа изјава на госпоѓата Јанева.
Овој народ и оваа држава има сила да се спротистави на сите видливи и невидливи сценарија за рушење на сувереноста на Република Македонија. Ние сме биле и ќе останеме дел од тој народ.
(Интегрален текст од прес конференција на Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РМ)
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа