"Издржи другару мој, само издржи" - драматична борба за живот кај Демир Капија
Драматична борба за живот се случи завчера на ридот Kраставец кај Демир Kапија. Еден од членовите на археолошка екипа на пат кон пештерата Горен Змејовец доживеал мозочен удар, пишува Дневник.
Човекот кој доживеал мозочен удар на пат кон пештерата Горен Змејовец на носила бил транспортиран по козја патека, бидејќи за жал хеликоптер не можел да се обезбеди.
-Несреќниот член на екипата во несвест беше носен на носила низ беспаќе по тешко проодна козја патека, откако по телефонскиот повик на екипата и беше кажано дека не може да биде обезбеден хеликоптер за транспорт до болница.
- Тој беше дел од групата предводена од доцент д-р Марјан Јованов од Филозофскиот факултет, а во која музејски работници, како и работници што работат на археолошките ископувања во пештерата и други. Несреќата се случи на половина пат кон пештерата до која требаше да пропешачиме околу 3 часа. При една пауза несреќниот шеесетгодишен човек, вработен во музеј, одеднаш се навали на десната страна и почна да се грчи. Останатите во екипата веднаш почнаа да вртат телефони за да се обезбеди медицинска помош. По неколку свртени телефони беше јасно дека во тој момент не може да се обезбеди хеликоптер со кој би можело човекот да биде префрлен во болница. Се алармираа брзата помош од Неготино, граничната полиција од Kавадарци, Специјалниот завод од Демир Kапија. Нивните екипи веднаш тргнаа за да помогнат. Но, се работи за беспаќе, тешко прооден терен. Додека да стигне помошта, на несреќниот член на екипата на секаков можен начин се обидувавме да му помогнеме, пишува Дневник.
- Издржи, другару мој, повторно заедно ќе одиме на терен по археолошките локалитети, само издржи - го бодрел својот пријател Јованов.
Откако човекот од кавадаречката болница бил префрлен на неврохирургија во Скопје, Јованов со солзи се заблагодари на помошта на луѓето од групата.
Извор и Фото: Дневник