Средба Иванов-Паролин: Меѓусебно почитување и искрено пријателство

Севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Светиот Престол, како и тековните иницијативи во насока на продлабочување на меѓусебната соработка, биле теми на разговор меѓу македонскиот претседател Ѓорге Иванов и државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин, кој престојува во официјална посета на нашата земја.

Претседателот Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, изразил задоволство од реализирањето на посетата на кардиналот Паролин на Република Македонија, во годината кога одбележуваме значаен јубилеј, 1100 години од упокојувањето на големиот ученик на Светите Кирил и Методиј, македонскиот патрон Св. Климент Охридски.

- Вашата посета, не само што ми овозможува да ви го возвратам извонредното гостопримство, кое ми беше укажано за време на мојата официјална посета на Ватикан минатата година, туку претставува и своевидна потврда за силната поврзаност, меѓусебното почитување и искреното пријателство меѓу Република Македонија и Светиот Престол, истакнал Иванов.

Македонскиот претседател ја поздравил одлуката на Ватикан за прогласувањето на Мајка Тереза за Светица, нагласувајќи дека овој чин е од особена културна и историска важност за Република Македонија и истакна дека нашата земја ќе се вклучи во одбележувањето на Канонизацијата на Мајка Тереза со повеќе активности. Воедно, претседателот Иванов искажал благодарност за поддршката од ватиканските власти во успешната реализација за поставување на спомен-плочата во чест на Светите Кирил и Методиј, во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим.

Посочувајќи дека нашата држава има длабока традиција на почитување на различните верски чувства, претседателот Иванов ја истакнал плодната соработка со Католичката црква и нејзината конструктивна улога како столб на меѓунационалната и меѓурелигиска коегзистенција.

Македонскиот претседател искажал задоволство од соработката меѓу Државниот Архив на Македонија и Тајниот Архив на Ватикан, како и од можноста за проучување на архивските збирки на Светиот Престол, а поврзани со историјата на нашата држава.

Претседателот Иванов изразил надеж дека Папата Франциск ќе ја прифати поканата за посета на Македонија,  што би било од огромно значење за унапредувањето на билатералните односи, за католичката заедница во Република Македонија и воопшто за сите христијански верници. 

 
 
18.03.2016 - 14:23
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа