Регистрирајте фирма во Централниот регистар без никакви трошоци

Во Централниот регистар на Македонија евидентирани се 103.000 компании, од кои 30.000 до крајот на годината ќе бидат избришани според последните законски измени. Поголем број фирми што се регистрираат отколку што згаснуваат. Регистрацијата ќе се врши електронски преку регистрациони агенти кои тоа ќе го прават без никаков надомест, изјави директорот на Централниот регистар, Ванчо Костадиновски во интервју за МИА.

Според измените на Законот за трговски друштва досега се избришани 4.100 фирми од вкупно 5.500 кои се бришат бидејќи не ја довршиле постапката за регистрација која претходно се водела во судот, односно не ја исполниле обврската да ги достават податоците и да ги конформираат во едношалтерски систем. По ова следи нова категорија фирми чија бројка е 25-26.000 илјади и кои ќе се бришат доколку три години по ред немале деловна активност. Постапката ќе се спроведува во континуитет со цел да се добие појасна и почиста слика за тоа кои се оние компании кои работат во економијата во Македонија.

За новините при регистрирање на компаниите најави дека за 10-тина дена треба да бидат издадени овластувањата на првите регистрациони агенти за електронска регистрација на фирма. - Реформата се однесува на патот на апликацијата, односно заживување на електронската регистрација на фирмата. Одлучувањето во однос на приемот на апликацијата, времетраењето останува исто. Реформата се однесува на заживување на системот, кој го имплементиравме во март 2011 година. Оттогаш имаме поднесоци во електронска форма, но ние како Централен регистар не сме задоволни од нивото на искористеност и она што се става на располагање на корисниците на овој систем, вели Костадиновски.

Регистрацијата ќе биде без никаков трошок ни кон Централниот регистар, ниту кон регистрациониот агент, потенцира Костадиновски.

-  Јас сум задоволен од тоа што е реализирано и наоѓа примена во деловните односи помеѓу деловните партнери помеѓу трговските друштва кај оние што за тоа имаат постигнато волја од две страни, истакнува директорот на Централниот регистар на Република Македонија Ванчо Костадиновски во интервјуто за МИА.

ФОТО: МИА