Началникот Котески и Демпси разговараа за македонско-грчкиот спор со името

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал мајор Горанчо Котески вчера во Вашингтон имаше средба на највисоко ниво со началникот на Здружениот Генералштаб на САД генералот Мајкл Демпси. По средбата, генерал Котески изјави дека разговарале за македонските напори за надминување на спорот за името со Грција, кои стојат на патот кон членството на Македонија во НАТО и за активностите во Авганистан по 2014 година.

- Заклучивме дека нашата соработка, соработката меѓу Армијата на Република Македонија и Армијата на САД е на одлично ниво и ова стратегиско партнерство ќе продолжи и понатаму. Со генералот Демпси разговаравме за нашите напори кои ги правиме во однос на нашата заложба за решавањ ена спорот за името со Република Грција, изјави генерал Котески по средбата со генералот Демпси во седиштето на американската армија Пентагон.

- Вие знаете дека во Авганистан остануваме со истиот состав, со единица која ја обезбедува главната команда на силите во Кабул, и овие сили остануваат до крајот на 2014 година. Потоа нашиот став е да продолжиме во мисијата, но во мисија која подразбира обука, тренирање и асистенција на авганистанските сили. Со тоа мислам дека ќе дадеме дополнителен придонес на безбедноста во Авганистан, изјави началникот на Генералштабот на АРМ.

Котески рече дека за време на средбите во Вашингтон станало збор и за активностите на регионална соработка во рамките на Јадранската група, како и македонската иницијатива за формирање на регионална медицинска единица која ќе биде подготвена и за мировни операции.

Котески ја посети и сојузната држава Вермонт, чија национална гарда учествува во долгогодишен процес на партнерска соработка со АРМ. Котески, кој во Пентагон беше придружуван од командантот на Националната гарда на Вермонт генералот Стивен Креј, истакна дека во досегашните заеднички обуки, во САД и во Македонија, учествувале импресивни 4.000 македонски војници, а круна на соработката е заедничкото распоредување на македонски војници и гардисти од Вермонт во Авганистан.

- Ова партнерство е старо 20 години и е едно од најстарите партнерства од тој вид. Апсолутно, 100 проценти ги цениме напоите на војниците од Македонија. Тие се многу професионални и соработката која ја имаме меѓу нашите две армии е многу силна. Тоа е врска што ќе ја имаме засекогаш, што нашите две армии ќе ја имаат засекогаш, изјави генералот Креј.

ФОТО: Канал 5

најчитано сега