Започна изградбата на нова детска градинка во Аеродром со капацитет од 250 деца

Новата детска градинка, која се очекува да биде изградена за 7 месеци, ќе има капацитет за над 250 дечиња и ќе биде изградена во рамки на клонот „Чекорче“ со средства од Буџетот на Општина Аеродром во висина од околу 30 милиони денари.

На поставувањето на камен темелникот на новата градинка присуствуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски како и заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Според проектот, објектот ќе ги исполнува сите неопходни стандарди за ваков тип на институции и ќе овозможи современи услови за згрижување и престој на деца од претшколска возраст.

-На мое огромно задоволство, а верувам и на задоволство на многу родители, денеска официјално ја почнавме изградбата на нова детска градинка, втора по ред оваа година“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.

Објектот ќе содржи 6 големи занимални на приземје и три на катот што значи вкупно 9 занимални, простор за прием, кујна, санитарни јазли, административен простор и подрумски простории и сето тоа на површина од 1.700 квадратни метри.

Детската градинка ќе биде опремена со креветчиња, масички, столчиња, плакари, нагледни средства и играчки. Објектот ќе биде енергетски ефикасен, а материјалите за изградба ќе бидат еколошки прифатливи.

Со изградбата на новата детска градинка, се очекува да се задоволи потребата од поголем капацитет за згрижување на децата, која е реална со оглед на зголемениот број дечиња во Општина Аеродром.

 
 
10.03.2016 - 16:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа