Министерот Ристовски го посети ОУ„Живко Брајковски“ во општина Бутел
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски и градоначалникот на општина Бутел Петре Латиновски денеска го посетија ОУ „Живко Брајковски“ и направија увид во изградбата на новата училишна зграда. Новиот објект се гради во дворот на старото училиште, кое е дотрена барака.
- Ваквиот пример на градоначалникот Латиновски треба да го следат сите градоначалници во Република Македонија. Инвестициите во образованието не се само обврска на МОН, туку и на локалната власт. Ова е најдобар пример како една општина инвестира во едно ново училиште, рече Ристовски.
Новата училишна зграда ќе се гради во две фази. Средствата за првата фаза се обезбедени од буџетот на општина Бутел.
- Се очекува првата фаза да заврши за три месеци. Новата училишна зграда е со површина од 4.000 метри квадратни. Инвестицијата е 45 милиони денари со ДДВ. Доколку се оди според планот, новата училишна зграда би требло да е готова до 1 септември 2014 година, рече Латиновски.
Постоечкиот објект на училиштето „Живко Брајковски“ е од привремен карактер, бараки изградени по скопскиот земјотрес, кои се во катастрофална состојба. Новата училишна зграда ќе може да прими 1.000 ученици, за разлика од постојната која има капацитет за 800. Со оваа инвестиција, општината ќе го финализира модернизирањето на сите седум основни училишта во рамки на нејзина територија, од кои шест се со цврста градба.
ФОТО: Влада