Ќе се реновира дел од Домот за стари лица во Прилеп

Дел од Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“ во Прилеп ќе се реновира, неговата сметка е деблокирана и ќе се изврши ревизија на работењето во оваа институција, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски при посетата на Домот. Министерката ги посети и Центарот за социјални работи, Дневниот центар за деца со посебни потреби и социјални семејства во Прилеп.
 
Според Ременски на 14 декември минатата година во Домот за стари лица е извршен вонреден инспекциски надзор за да се утврдат стандардите и условите во кои функционира институцијата.
 
- Врз основа на извештаите и од разговорот со директорката на Домот за стари лица, МТСП ќе почне постапка за јавна набавка за реновирање на првиот кат од Домот. Министерството од буџетот ќе издвои средства за да се покријат дел од трошоците, а останува обврската на директорот на Домот за домаќинско работење со самофинансирачката сметка, рече Ременски.
 
Министерката за труд и социјална политика смета дека со години во Домот не се работело домаќински, а од Министерството за овој и сите домови доаѓале малку средства во блок-дотациите.
 
- Од февруари минатата година беше блокирана сметката на Домот за стари лица. Сега од 12 февруари 2016 година е деблокирана за повеќекратно да се плаќаат долговите. Но тоа не го решава во целост прашањето. Денеска ќе побараме извештај за трошење на средствата од блок-дотациите. Директорката на домот информира дека во меѓувреме е побарано Државниот завод за ревизија да направи ревизија на самофинансирачката сметка на Домот, изјави Ременски.
 
Ременски бара локалната самоуправа да ја донесе годинашната програма за социјална заштита, ќе бара од локалната или од Фондот за здравство да се покријат трошоците за лекови на корисниците во домот кои сами си плаќаат.
 
- Во ред е основачот-општината и Фондот за здравство да ги моделираат трошоците за лекови што ги имаат штитениците со приватно смествување. Оние кои се со решение од Центарот за социјални работи, ним им се покриени трошоците за лековите, вели Ременски.
 
Што се однесува до работата на Центарот за социјални работи во Прилеп ќе се побара од директорот да состави стручни тимови да им се излезе поефикасно во пресрет на корисниците.
 
- Последниве години факт е дека во Прилеп се зголемил бројот на бракоразводните парници, а треба поефикасно да се работи на посредувањето од Центарот во помирувањето. Зголемен е и бројот на семејни насилства. Затоа стручните тимови треба поефикасно да работат во корист на штитениците, пред се на децата, смета Ременски.
 
Министерката за труд и социјална работа ќе побара од државните институции и од Владата преку Агенцијата за запленување имот да се дадат на располагање возила на Центрите за социјални работи, зашто има голем недостиг.
 
Според Ременски и во Дневниот центар за деца со посебни потреби е неопходно да се зајакнат ресурсите и кадрите како во Центрите за социјална работа.
 
Министерската Фросина Ташевска Ременски денеска на споменикот „Карпалак“ во центарот на градот положи свежи цвеќиња, а попладнево посети и социјални семејства.
 
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дека министерката се заканувала со тужби за Сојузот за слепи лица, Ременски образложи дека Дневниот центар за слепи лица во Кисела Вода нема членови.
 
- Со Националниот совет за инвалидизирани лица, една недела пред претседателот на Здружението на слепи лица  да обвини  дека министерката го затворила Дневниот центар за слепи лица во Кисела Вода, склучивме договори за соработка со кој ја исполнивме и нашата обврска да им ги префрлиме средствата со кои тие работат, рече таа.
 
Изненадена бев, додаде Ременски, од прес-коференцијата од претседателот на Здружението како неточна и побаравме демант.  - Не е точно дека Дневниот центар за слепи лица е затворен, зашто тој нема лица кои ги користат услугите. Побаравме тој Дневен центар да профункционира за што е и наменет, рече Ременски.
 
На прашањето за тоа до каде е случајот со штитеничката од заводот за деца со нарушено здравје „25 мај“ која паднала од четвртиот кат, Ременски истакна дека станува збор за несреќен случај. имајќи ги предвид изјавите од надлежните, од комисијата, од дежурниот воспитувач...
 
- И самата штитеничка изјавила дека седела на прозорецот од првиот кат и паднала и се здобила со скршеници. Домот нема четири ката. Не би сакала да навлегувам во суштината на самиот проблем, ова прашање не е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, туку на МВР, зашто малолетникот е државјанин на друга држава. Наше е само да ја згрижиме штитеничката во минување. Таа сега е во добра здравствена состојба, изјави Ременски.
 
Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски ги отфрла обвинувањата за манипулација со социјалната помош за ромската заедница и апелира да не се манипулира со ова прашање
 
 
03.03.2016 - 16:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега