ВИДЕО: Портпаролот на Златна Зора ги избрка Би Би Си од канцеларија поради Македонија

Поради Македонија, портпаролот на Златна Зора Илиас Касидиарис го прекина интервјуто со британски Би Би Си, бркајќи ја екипата од својата канцеларија, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

-Напуштете ја просторијава, нелегално е таа земја да ја нарекувате Македонија, извикуваше Касидиарис.

Од Златна Зора ја обвинија новинарката дека нè нарекла под уставно име бидејќи била исфрустрирана од тоа што Касидиарис изјавил дека мигрантите треба да одат во Велика Британија и во САД, бидејќи имаат заедничка одговорност за војните во Сирија и Авганистан.

– Во Грција нелегално е оваа држава да ја нарекувате Македонија, затоа што Македонија е област во нашата татковина. Во ред? – праша Касидиарис.

– Но за мене не е нелегално… – одговори новинарката.

– Прекинете со снимање… може да прекинете господине, ви благодарам. Пријатно.

– Престанете да зборувате така. Престанете да зборувате. Ова е шоу, вие правите шоу и мора да престанете. Одете си, одете си…

– Во ред, ќе ви ја дадеме лентата…

– Не, може да користите што сакате, но излезете надвор од оваа просторија, ве молам.

Во соопштението на Златна Зора за инцидентот се вели:

Портпаролот на Златна Зора им ја покажа вратата за излез на екипата на BBC, кога анти-грчката новинарка го нарече Скопје…”Македонија”. На ова претходеше фрустрацијата и посрамувањето на Бритaнката кои што беа очигледни, кога нашиот пратеник истакна дека мигрантите треба да одат во Велика Британија и САД, кои што се заеднички одговорни за војните во Сирија и Авганистан. Тогаш малициозната репортерка Стејси Дули не се воздржа и го прикажа анти-грчкото расположение на пропагандистичката BBC, нарекувајќи го Скопје “Македонија” и се обиде да приреди лошо шоу, но доби соодветен одговор од нашиот претставник и беше принудена да ја напушти канцеларијата заедно со целата британска екипа, се вели во соопштението.

 
 
02.03.2016 - 17:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега