Г. Тимотеј е духовниот водач на македонските верници во Австралија

 

Владиката Г. Тимотеј може да ги врати заедниците кои г. Петар ги одвратил од духовниот живот на Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, само ако Синодот и г.г. Стефан му дадат автономија, како надлежен владика на македонските православни заедници во Австралија. Ова е само едно од осумте барања во резолуцијата кои ги усвоило генералното собрание на Здружението на македонските заедници во Австралија, одржано на 24 март годинава, како еден од начините за надминување на долгогодишните црковни проблеми на австралискиот континент.

Судскиот спор за најпроблематичната црква, „Света Петка“ во Рокдејл се уште трае и тоа ќе донесе дополнителни штети на Македонците во Австралија. Игор Аврамовски Александров, претседателот на Здружението на македонските православни општини, шест месеци по потпишувањето на договорот со Синодт, во кој Митрополитот Тимотеј беше одреден како администратор за црковните општини кои не ја признаваат јуриздикцијата на Владиката Петар, вели дека Македонските црковни општини во Австрланија не се откажуваат од намерата да постигнат конечен договор со Синодот за сите точки што досега беа предмет на правни спорови. Токму затоа тие непосредно по преговрите со Синодот усвоиле и резолуција во која се посочуваат спорните точки.

- Во тој договор би требало да биде вклучено усвојување на меѓусебно прифатлив Епархиски устав, со кој би се регистрала Македонска православна епархија за Австралија како посебно правно лице, со слична правна постапка како онаа според која беше регистрирана и Српската епархија, по неодамнешното обединување на двете спротивставени српски епархии во Австралија. Но, се уште немаме дефинитивен одговор од Синодот-вели Александров. Тој потенцира дека на овој начин Синодот на МПЦ-ОА ја уважува епархијара за Австралија и Нов Зеланд која не е регистрирана како правно лице во Австралија.

- Синодот со тоа овозможува продолжување на законската можност храмовите кои се под контрола на Петар да бидат ставени под јурисдикција на друга религија-додава Александров.

Во моментов под надлежност г. Петар сега се девет храма, за кои од  македонската дијаспора велат дека се под законска сопственост на приватни лица, што се коси со Член 172 од уставот на МПЦ.

-За време на преговорите со Синодската комисија, четири беа заедничка законска сопственост на Петар Каревски, попот Тоне Гулев и поп Јовица Симоновски. Сега се пет, со купувањето на имот во Бризбан кој е наменет за паралелка на старата црква, „Света Богородица“, која е под надлежност на г. Тимотеј. Уште три храма се законска сопственост на приватни мирски лица, приврзаници на Петар. Еден храм е законска сопственост на попот Душко Спирковски и две мирски лица, како регистрирани старатели, вели Александров.

РЕГИСТРИРАЊЕ НА ЕПАРХИЈА ВО АВСТРАЛИЈА

Главна цел на Здружението на македонските православни општини за времена на минатогодишните преговори со Синодската комисија беше Синодот да ја прекине тужбата против МПЦО „Света Петка“ со повлекување на Петар од надлежност врз таа општина.

Инаку, на крајот на мај годинава завршило рочиштето пред Апелацискиот суд на Нов Јужен Велз, но се уште не е донесена пресудата. Претставниците на тамошните црковни општини не очекуваат пресудата да биде целосно позитивна ниту за тужителите, ниту за тужените. Сметаат дека во секој случај таа ќе биде негативна за МПЦ и за Македонците во Австралија како целина. Очекуваат да завршат со потрошени милиони долари по адвокатски трошоци за точки кои најдобро можеле да се решат на маса, во договор со Синодот.

Познато е дека тројца различни судии во првостепениот процес редовно потенцирале дека ова е спор кој треба да се реши со договор меѓу двете страни, а ако мора судот да пресуди, крајната одлука ќе има негативни последици за сите. Александров, сепак, нагласува дека Владиката Петар не е човек со кој може да се постигне разумно компромисно решение, а Синодот, пак, иако никогаш официјално не му одобрил на Петар да ја тужи МПЦО „Света Петка“, за жал, се уште не се посветил на конструктивен компромис, како алтернатива на деструктивните судски процеси.

- Сигурен сум дека на крајот мнозинството владици ќе се срамат од она што дозволиле да се случи со МПЦО Св. Петка, а можеле да го спречат-додава Александров.

ДОКАЗИ ЗА „СПОРНИТЕ“ СВЕШТЕНИЦИ

Здружението на македонцки црковни општини смета дека суштинско за мирот на австралискиот континент е да се реши и прашањето со спорните расчинети свештеници. Во резолуцијата точно се посочува дека ако Синодот смета оти некои свештеници што служат во македонските православни општини (заедници) во Австралија биле валидно расчинети, тогаш да ги достават доказите, транскриптите, пресудите според кои ќе се утврди дали има вистинска основа за нивно оспорување.

Спорно е дали оние свештеници за кои Петар тврди дека се расчинети се валидно расчинети. За повеќето од таквите “расчинувања” знаеме со сигурност дека најсериозните петреви обвиненија се лажни конструкции. Александров вели дека ако постои било каков доказ за вмешаност на администраторот Петар Каревски во поттикнувањето на таквите „расчинувања”, надлежните општини, со поддршка на Здружението, го задржуваат правото да ја оспорат нивната валидност и да побараат независна ревизија во Австралија, од страна на специјален трибунал, сочинет од владиката Тимотеј, уште еден член на Синодот и еден правник назначен со взаемна согласност меѓу Синодот и Здружението.

- Засегнатите свештеници треба да имаат право да си изберат свој правен застапник. Како алтернатива, свештениците треба да размислат и за барање на правда преку трибунал за административни жалби или граѓански суд во Австралија-вели претседателот на Здружението.

Според него, еден од „спорните“ свештеници веќе е вратен во Македонијаа, а неговата парохија, во градот Голд Кост, е останата без свештеник затоа што нема доволно приходи за стандардната свештеничка плата, а се уште не е оформена епархија која би можела да ја компензира.

- Друг наш свештеник, кој до неодамна служеше во храмот Св Никола, Сиднеј, веќе не е во служба кај нас, но не затоа што ние сметаме дека е валидно расчинет, туку од други, практични причини. На негово место е дојден нов свештеник, назначен од г. Тимотеј, со наша согласност. И во храмот Успение на Пресвета Богородица во Мелбурн, „спорниот“ свештеник сам го напушти работното место, на кое сега е дојден нов свештеник назначен од г. Тимотеј-објаснува Александров.

Другите двајца „спорни“ свештеници, под притисоци од приврзаниците на г. Петар им ги препуштиле своите храмови на други свештеници, а денес служат во Руската православна црква.

Од Здружението чекаат некој од Синодот да им објасни како е можно најголемата православна црква во светот, во случајот РПЦ од која МПЦ денес бара признание, да ги прифати тие македонски православни свештеници како свои, ако им се валидно одземени свештеничките чинови? Зарем не е доволно што заради недостојното однесување на Петар изгубивме многумина парохијани, па сега треба да им правиме дополнителна услуга на непријателите на МПЦ, протерувајќи го и македонското свештенство во други православни цркви.

- Во храмовите се останати се уште само четворица „спорни“ свештеници, кои г. Тимотеј не смее да ги стави под своја директна надлежност заради одлуки на Синодот донесени под притисок на Петар. Но, Синодот не ја оспорува валидноста на венчавките, крштевките и други треби и служби одржани од тие свештеници. Синодот е свесен дека тие свештеници имаат по десетина до дваесет пати повеќе парохијани од што имаат свештениците на Петар, во паралелните храмови во непосредна близина. Зарем Синодот сака нов раскол помеѓу парохијани на нашите храмови, за да се задоволи осветољубивоста на Петар?-прашува Александров.

СМИРУВАЊЕ НА ДОЛГОГОДИШНИТЕ ТЕНЗИИ

И покрај тоа што уставните ингеренции на владиката Тимотеј во Австралија засега се премногу нејасни и ја ограничуваат неговата работа, сепак, тој досега успешно балансира меѓу, како што вели Александров, дневната волја на Синодот, изнудена под притисок на г. Петар, како и меѓу автономните позиции на дванаесетте општини со четиринаесет храмови.

Според Александров, мора да се потенцира дека г. Тимотеј е назначен како администратор на црковни храмови без епархија. Познато е дека во Уставот на МПЦ-ОА не постои функција или механизам за регулирање на такви односи меѓу владика и црковни општини. Синодот сеуште не одлучил дали да ја подели австралиската Епархија на две епархии или да го смени г. Петар и да се регистрира само една епархија со сите храмови. Затоа и г. Тимотеј е администратор без епархија и без епархиски устав кој правно ќе ги регулира неговите ингеренции.

Токму во таквата ситуација, г. Тимотеј успева да ги смири долгогодишните тензии, односно да не дозволи да се зголемуваат, а тоа, според Александров е предуслов за натамошни чекори кон трајно решение за клучните правни прашања.

Според Уставот, митрополит е владика кој е надлежен за одредена епархија. Администратор,пак, е привремен вршител на должноста на митрополит во упразнетата епархија. Ингеренциите на митрополитот, како и обврските на општините кон митрополитот и кон епархијата, како и составот на Епархиското собрание со кое претседава митрополитот, па начинот на избор на Епархиски управен одбор, со кој претседава митрополитот, се прашања кои се дефинираат со Епархиски устав, усвоен од страна на општините кои членуваат во таа епархија. Епархискиот устав е акт кој ги определува ингеренциите на надлежниот митрополит. Со него се дефинира епархијата врз која митрополитот има автономни ингеренции.

ОТВОРЕНА ПОКАНА ДО Г. ТИМОТЕЈ

Александров вели дека желба им е г. Тимотеј да ја посети Австралија. Поканата неколку пати ја потврдиле дури и писмено. Сепак, оставаат владиката да одлучи дали тоа ќе го направи сам, во придружба со претставник од дебарско-кичевската епархија, или, пак, со проширена Синодска делегација.

- Со г. Тимотеј комуницираме по потреба. Не сакаме да го окупираме неговото време, па затоа голем дел од рзговорите ги остваруваме преку наши свештеници. Мораме да потенцираме дека добра соработка имаме со канцеларијата на г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА, со цел да помогнеме за потребите на црквата во Македонија-додава Александров.

 

Смета дека прашањето зошто посетата се уште не е остварена, треба да му се постави лично на г. Тимотеј или на архиепископот г.г. Стефан.

најчитано сега