ВМРО-ДПМНЕ: Денес судот утре некој друг - СДСМ сите ги ообвинува за своите грешки и порази

Во врска со реакцијата на СДСМ, која се однесува на судската пресуда против Тито Петковски за изречена клевета, би сакале да го истакнеме следново.

          Прво, стана совршено јасно дека СДСМ функционирањето на правната држава и функционирањето на судските органи ги гледа исклучиво низ призмата на својот партиски интерес. Се што не им одговара тие не сакаат да го прифатат. ВМРО-ДПМНЕ потсетува на судските случаи против поранешниот премиер Владо Бучковски кој додека беше член на СДСМ уживаше поддршка од СДСМ со изјави кои што ја негираа работата на судот, со протести пред судовите и со закани за насилство. Од моментот кога Владо Бучковски не е заедно со раководството на СДСМ одлуките на судските органи против него не само што беа поздравени од СДСМ, туку тие и нескриено се радуваа на истите.

          Исто е и во случајот со Тито Петковски. Денес се противат на одлуката на судот само затоа што Тито Петковски е со нив во коалиција, а утре кога Тито Петковски повторно ќе им заврти грб ќе ги поздравуваат и ќе се радуваат на ваквите одлуки на судот. СДСМ ги прифаќа одлуките на судските органи само и единствено кога тие им одговараат на нивната партија и на членовите на нивното раководство.

          За нас од посебно значење е фактот дека господинот Тито Петковски во судската постапка не изнесе ниту еден аргумент или доказ, со кои би ја потврдил својата изјава.

          Се докажа дека тврдењата на Тито Петковски, дека Никола Груевски испратил писмо до Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун, со што прифатил промена на името Република Македонија во Република Македонија (Скопје) се целосно неточни.

 

          СДСМ треба да се засрамат од нивните лаги и од лагите на нивните коалициони партнери. Наместо тоа тие продолжуваат да ја градат својата политика врз лажни тврдења и извртена реалност. Затоа, станува очигледно дека за сите свои порази и грешки, СДСМ и нивните коалициони партнери ги обвинуваат сите други освен себе си. Еднаш тоа им е судот, втор пат народот, трет пат им се преставниците на меѓународната заедница, четврт пат независните институции, но никако самите тие.

Интегрален текст од реакција на ВМРО-ДПМНЕ за реакцијата на СДСМ.

најчитано сега