Во октомври нова препорака за почеток на преговорите на Македонија

Европската комисија го утврди 16. октомври како ден кога ќе биде издаден новиот извештај за напредокот на Република Македонија во европските интеграции.

Се очекува новиот извештај да содржи нова, петта по ред препорака до Европскито совет за отворање на преговорите за членство на земјата во Европската унија.

Од канцеларијата на Штефан Филе, еврокомесарот за проширување денеска за дописникот на МИА од Брисел потврдија дека на 16-ти октомври ќе биде издаден извештајот за Македонија: - Засега, единствено официјално можеме да потврдиме само дека новиот прогрес-извештај за вашата земја, комесарот Филе ќе го презентира на 16-ти октомври на прес-конференција во Брисел, велат за МИА од кабинетот на Филе.

За разлика од претходно, сега Комисијата подготвува и голем број забелешки во неколку области, пред се за апсењето и третманот на новинарот Томислав Кежаровски и поопширен опфат на собраниските инциденти од 24 декември минатата година. Но, затоа, пак, по успешниот договор на министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски со претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ, се очекува да донесе позитивни критики за законот за медиуми, а до лиферувањето на извештајот се очекува и позитивен исход од Комисијата за истраги на собраниските инциденти, со јасни препораки и имплементација на заклучоците од страна на властите во Македонија.