Ѓорѓиев: Ќе се подобри системот за јавните набавки со новите измени во законот

Секој договорен орган од почетокот на наредната година ќе има обврска задолжително на Електронскиот систем за јавни набавки да ја постави целокупната тендерска документација во моментот на објавување на огласот, а наплатувањето на тендерската документација ќе биде забрането, истакна денеска владиниот потпарот Александар Ѓорѓиев на прес-конференција за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки што Владата го усвои на минатата седница.

- Измените се во насока на барањата на деловната заедница и со нив се продонесува за намалување на трошоците на деловните субјекти кои настапуваат во постапките на јавните набавки. Со нив се подобрува правната заштита на интересите на деловните субјекти и се штити јавниот интерес. Се прави и дополнителен исчекор во борбата против корупцијата со предвидување на норми со кои се отстрануваат можни влијанија и субјективизам, а дополнително се зголемува и транспарентноста доследно на владините политики, рече Ѓорѓиев.

Длабоко сме убедени, нагласи, дека измените ќе бидат од исклучителна корист и значење за деловните субјекти, ќе претставуваат силна алатка во борбата против корупција, ќе придонесат во понатамошното унапредување на позицијата на институционално лидерство на Бирото за јавни набавки и дека со нив како и досега Република Македонија ќе продолжи да биде регионален лидер во областа на јавните набавки.

Ѓорѓиев потенцира дека со измените се воведува обврска секој договорен орган при секоја посебна постапка задолжително на Електронскиот систем за јавни набавки да ја објавува проценетата вредност на договорот за да можат компаниите да имаат поголем увид во податоците кои се битни за одлука. - Од 1 јануари идната година се предвидува можност доколку при една постапка се јави и остане само еден понудувач да може дополнително да се намали претходната цена  преку формулирање на конечната цена. Се проширува и опфатот на техничкиот дијалог на сите аспекти и услови од целокупната тендерска документација, а не како досега само за техничките спецификации на документацијата. Воедно се воведува обврската сите економски оператори да бидат информирани за секој коментар и приговор на секој оператор во процесот на технички дијалог за секој аспект од тендерската документација со што директно се одговара на барањата на бизнис заедницата, посочи Ѓорѓиев.

- Се воведува и обврска  во случај на промена на некој услов од тендерската документација, која согласно закон може да се случи најдоцна до 6 дена пред завршувањето на рокот за поднесување на понудите, претходно утврдениот рок задолжително да се продолжи за најмалку 6 дена, за компаниите да можат да одговорат на промените. Од постапките за јавни набавки се исклучуваат обезбедувањето на нотарски и услуги за извршители бидејќи оваа материја е уредена со материјалните закони кои го уредуваат нотаријатот и извршителството, додаде Ѓорѓиев.

Дополнително, нагласи, се регулираат правата и обврските при конкурирање од страна на група понудувачи. - Се предвидува обврска во случај на конкурирање на група понудувачи, компаниите кои ја сочинуваат групата пред поднесувањето на документацијата задолжително меѓу себе да потпишат договор кој ќе ги регулира нивните парцијални односи и интереси, односно да се предвиди кој е основен понудувач, кој ја сноси гаранцијата, кога, кој и како може да се откаже или да не се откаже од процесот итн. Тој договор треба да е составен дел на групната понуда, прецизира Ѓорѓиев.

- Во случаите кога е познато дека на пазарот за одредено добро кое е предмет на јавната набавка постои само еден производител, се утврдува строга обврска за договорниот орган пред распишувањето на јавната набавка за тоа добро за кое постои само еден производител задолжително да побара и добие согласност од Владата за распишување на таква јавна набавка и да го образложи случајот и сите негови аспекти. Доколку тоа не го направи и распише јавна набавка, тогаш јавната набавка ќе се смета за ништовна, а лицето во договорниот орган ќе се соочи со кривична одговорност и казна затвор, заврши Ѓорѓиев.

 
Изричито се забранува, додаде, групирање на ставки во дел од набавката со коешто групирање би се ограничила конкуренцијата на само еден понудувач. - Договорен орган не смее да групира ставки во еден дел од набавката кога се знае дека за една ставка постои само еден понудувач на пазарот и на тој начин своевидно да го исфаворизира тој понудувач и да го нацрта ликот на понудувачот кој токму преку тоа групирање треба да ја добие набавката, појасни владиниот портпарол.

Со измените, како што нагласи, се овозможува и подобра правна заштита на интересите на економските оператори и се подобрува позиционираноста и правната улога на Државната комисија за одлучување по жалби од јавни набавки.

- Се прецизираат механизмите на правна заштита на економските оператори против незаконско издавање негативна референца. Исто така, се оневозможува договорните органи да ги користат негативните референци за да ги примораат избраните понудувачи да прифаќаат услови кои не биле претходно содржани во тендерската документација. Се утврдува и строга обврска за договорните органи да ги почитуваат и применуваат одлуките и насоките на Комисијата за жалби по јавни набавки, потенцира Ѓорѓиев.