Заев: СДСМ е подготвен за предвремени парламентарни избори
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е подготвен за предвремени парламентарни избори, но само доколку се вградат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, изјави лидерот на партијата Зоран Заев синоќа во Штип.
Според него, теоретски не е можно предвремени парламентарни избори да има во септември, бидејќи е поминат рокот за нивно распишување, но, како што рече, доколку парламентарното мнозинството одлучи да се случат тие се подготвени како политичка партија да излезат на избори.
Посочи дека нема да дозволат корумпирани избори и дека тоа ќе го направат со сите можни начини, инструменти и можности што ги имаат на располагање.
Тој вели дека во општинските организации меѓу кои и во Штип во тек е постапката за избор на ново раководство, смета дека на демократски начин ќе биде избрано, кое ќе донесе нова свежина, но и нова програма и платформа на СДСМ. Заев синоќа во Штип присуствуваше на свечено отварање на новите простории на Општинската организација на СДСМ-Штип во Трговскиот центар.