Седница на собраниската Комисија за економски прашања

Собраниската Комисија за економски прашања на денешната седница ги разгледа и ги усвои Предлог-финасискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија (РКЕ) за 2016 година и Предлог-одлуката работењето на РКЕ да се финасира со зафаќање на 0,052 процента од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности.

Како што информира претседателот на РКЕ Димитар Петров, процентот на зафаќање се зголемува од ланските 0,049 отсто на 0,052 процента, но сепак останува во границите на максимално дозволените зафаќања од 0,1 отсто од вкупниот годишен приход на енергетските компании. Во маса на пари тоа изнесува околу 81 милион денари или за два милиони денари повеќе од лани.

– Зголемувањето на зафаќањето е заради планираните две нови вработувања поради зголемите надлежности и за преселувањето во новите работни простории на РКЕ што треба да се случи во јуни годинава. Во останатиот дел од финасискиот извештај може да се види дека во поголем дел од групите на трошоци тие се исти како во 2015 година или се намалени, рече Петров.

Прецизира дека 35 милиони денари се предвидени за плати на вработените, а пет милиони денари за набавка на мебел во новите простории на РКЕ. Комисијата, како што кажа, треба да му доплати на изведувачот на градежните работи на новиот објект 16,72 процента од двата милиона евра или 13,623 милиони денари за дополнителни градежни работи за довршување на зградата во која ќе бидат сместени шест регулаторни тела. Ќе продолжи, додаде, и нашето активно учество во работата на Енергетската заедница и во Регионалната асоцијација за енергетски регулатори – ЕРА, каде што плаќаме партиципација, како и во Светскиот енергетски совет и во Советот на енергетските регулатори на Европската унија.

Членот на собраниската Комисија Марјанчо Николов од СДСМ рече дека неговата пратеничка група нема да ги поддржи двата предлога бидејќи РКЕ веќе со години не си ја извршува својата функција согласно законските обврски во делот на водење грижа за заштита на потрошувачите, туку, како што рече, ги штити интересите на монополите и компаниите во делот на снабдувањето со електрична енергија, нафтени деривати и топлинска енергија.

– Имате должност да се грижите за правата на потрошувачите на енергенсите чии што цени ги одредувате, а во изминатиот период не видовме во ниту една ситуација да постапите согласно реакциите, потребите и барањата на потрошувачите, рече Николов и како класичен пример за тоа ги истакна 12.000 исклучени корисници на парно во Скопје кои, како што рече, плаќаат надомест за услуга што не ја добиваат.

Нагласи дека со правилник не може да се наметне да се плаќа јавна давачка, туку само со закон.

Како доказ, нагласи, за лошото работење на РКЕ, се и за 400 отсто предвиденото зголемување на надоместоците што треба да се платат за зголемениот број на нотарски и адвокатски услуги и за 1000 проценти зголемените трошоци на РКЕ за вештачења. Тоа, додаде, покажува дека РКЕ е во конфликт со клиентите.

На овие обвинувања претседателот на РКЕ Петров рече дека токму наплаќањето на паушал од исклучените од системот за парно греење во Скопје е во насока на заштита на потрошувачите и прецизира дека за услугата на БЕК се плаќаат два надомесотоци, еден фиксен што го плаќаат сите до кој е дојден системот за колективно греење и еден променлив за потрошена топлинска енергија што го плаќаат оние кои ја користат услугата. Единствено, додаде, не плаќаат никаква услуга станарите во зградите кои целосно се исклучени од системот.

Во врска со зголемувањето на трошоците за нотарски и адвокатски услуги и вештачење рече дека е направено заради судските процеси кои се водат со лицата кои добиле лиценци за изградба на фотоволтаични централи за кои во моментот на склучување на договорот постоела повластена цена по која ќе ја продаваат произведената електрична енергија, која сега е укината. Со парниците треба да се прецизира дали цаната во моментот на склучување на договорот треба да важи и во моментот кога фотоволтаичните централи биле направени и почнале да функционираат.

За зголемувањето на процентот на зафаќања од енергетсктие компании за финасирање на РКЕ, Петров рече дека е направено заради доизградбата на новите работни простории на Регулаторната комисија за енергетика и изрази надеж дека овој процент ќе се намалува од следната година.

 

Седницата на денешната седница го усвои и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони, во второ читање, и предложи да биде даден на натамошна собраниска постапка.

 
 
02.02.2016 - 15:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега