Средба на Попоски со министерот во германското МНР, Михаил Рот

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска оствари средба со државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот.

На средбата е разговарано за предизвиците и перспективите во европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија, како и за мигрантско – бегалската криза.

Министерот Попоски,  како што соопшти МНР, ја реафирмирал важноста и улогата на Германија како стратешки партнер на Македонија во процесот на интеграцијата во Европската унија и НАТО.

- На европската перспектива на Македонија треба да и се даде кредибилитет со што поскоро започнување на преговорите. Како и во изминатите седум години, Македонија останува целосно подготвена за процесот на пристапни преговори. Внатрешните политички предизвици се надминуваат низ инклузивен процес кој треба да се заокружи час поскоро и без одлагање со претстојните парламентарни избори во април. Кредибилни избори и суштински напредок по клучните приоритети за зајакнување на правната држава и економскиот развој на земјата остануваат во фокусот на активностите на Владата, се наведува во соопштението.

Министерот Рот ја акцентирал принципиелната германска поддршка за интегративните процеси на Република Македонија во ЕУ и НАТО, потенцирајќи ја важноста на имплементирањето на политичкиот договор и почитувањето на препораките содржани во последниот извештај на Европската комисија.

Во делот на мигрантската криза соговорниците ја нагласиле потребата од изнаоѓање трајно и одржливо решение, при што министерот Рот ја поздравил ангажираноста на Македонија и истакнал дека соработката меѓу земјите е исклучително важна за решавање на кризата.

 
 
01.02.2016 - 19:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега