Македонците не се многу загрижени за сопственото орално здравје

 

Македонците не се многу загрижени за сопственото орално здравје. Грижата за оралното здравје не подразбира само убава насмевка. Не можете да добиете убава естетика, а при тоа останатиот дел од усната празнина да биде заболен. Ова денеска на прес-конференција го истакна Ана Миновска, претседател на 18.конгрес на Балканската асоцијација на стоматолози, кој ќе биде отворен вечер и ќе трае до 28 април.

Таа рече дека за грижата за оралното здравје мора да дискутираат на 18.конгрес на Балканската асоцијација на стоматолози заедно со останатите колеги од Балканот за да дојдат до една заедничка цел - да се воспостават водичи по кои ќе се случуваат процесите и фазите за зачувување на оралното здравје. Mотото на конгресот е „Каде е иднината на стоматологијата“.

На конгресот за претседател на Балканската асоцијација на стоматолози ќе биде избран Николај Шарков кој ќе го замени Хамид Бостанчи на кого му истекува мандатот.

- Многу работи се сменети во регионот, како и прифаќањето на стоматологијата. Се обидуваме да постапуваме според медицинските потреби на пациентите и практикуваме стоматологија базирана на докази. Тоа е нешто што сите го застапуваме - да работиме стоматолошки оправдани процедури и третмани базирани на докази, истакна Бостанчи.

Наскоро, посочи тој, ќе се изготви специјална директива во ЕУ која ќе биде пренесена во легислативата на европските земји до крајот на годинава.

- Ќе ви дадам пример околу безбедноста на пациентите поврзан со уште една европска директива која се вика „козметска директива“. Изминатите месеци беше поднесен амандман во оваа насока и веќе е усвоен во сите европски земји, а се однесува на белењето на забите. Исклучиво само стоматолог може да постапи во врска со белењето на забите, а тоа е потцртано во оваа директива. Постои уште едно ограничување, а тоа е дека материјалите кои ќе бидат ставени во уста за спроведување на белењето на забите треба да содржат до 16 проценти хидроген пероксид. Ниту еден друг козметски професионалец подалеку од стоматологот не смее да прави белење на заби, рече Шарков.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во Бугарија етичкиот кодекс е потпишан од министерот за здравство, што според него, значи дека му дава тежина на легален правилник.

- Таму е напишано каков тип на изразување може да употребите во рекламите на вашиот производ или на вашата клиника, ординација и сл. Во Бугарија, единствените зборови со кои можете да се рекламирате е дека на пример „вашата клиника е обучена и дава услуги белење на заби“. Но, од друга страна треба да знаете дека за се што ќе се преземе во вашата уста треба да потпишете дека се сложувате со таквата процедура. Тоа е директива во одбрана на вашите права како пациент, потенцира Шарков.

 

најчитано сега