Потпишан договор со Џонсон Контролс за изградба на втора фабрика

Американската компанија Џонсон Контролс денес го потпиша договорот со македонската Влада за изградба на втора фабрика, овој пат во индустриската зона во Струмица. Според најавите новата фабрика ќе отвори 1.500 работни места.

Договорот го потпишаа директорот на компанијата Вили Ван-Лој и директорот на ТИРЗ Виктор Мизо.

Генерален директор Питер Хајфт, истакна дека две години по претходна инвестиција повторно се тука, што е потврда за нивниот успех и доказ дека се на вистинското место.

-Успешното развивање на фабриката и успешната соработка со Владата во Македонија низ изминатите години го отвори патот за следните чекори. Нам ни е особено драго што моежеме да објавиме дека ќе ја градиме нашата втора фабрика во Македонија во слободната индустриска зона во Струмица и ќе го продолжиме позитивниот развој во државата, вели генералниот директор на компанијата.

Веќе се вработени 130 лица од кои дел се испратени на обука, а до крајот на годината се очекува вработување на уште 500 лица. Компанијата за неколку месеци ќе започне да работи како браунфилд инвстиција, а на пролет идната година ќе се отвори новоизградената фабрика кога ќе биде реализирана и бројката од 1.500 вработувања.

gruevski-investitori1

-Особено нè радува фактот што се поголем број на компании одлучуваат да инвестираат надвор од зоната во Скопје, што значи дека по Кичево, Струга, Прилеп, Тетово и Штип, сега и оваа зона ќе биде функционална и ќе има своја компанија тука, вели Мизо.

Според најавите се очекува извозот да надмине 80 милиони евра. Со досегашните 1.800 во фабриката во Штип и новите 1.500 работни места во Струмица, Џонсон Контролс ќе вработи над 3.000 лица.

Вицепремиерот Зоран Ставрески истакна дека новата фабрика на Џонсон Контролс значи остварување на едно ветување дадено пред граѓаните. Тој посочи дека секоја нова инвестиција е радосен настан кој носи просперитет и нови вработувања во регионот каде истата се реализира.

gruevski-investitori

-Ние сме задоволни како Влада што вкупниот бизнис амбиент и со првокласната поддршка, како и за секој друг инвеститор, успеавме да се договориме да дојдат повторно во Република Македонија. Тука не се само даноците во прашање, работата на Царината, станува збор за целокупната структура што е формирана за привлекување на странски инвестиции и она 12 место во светот, преточено во реалноста е нови инвестиции, нови инвеститори, истакна Ставрески.

На потпишувањето на договорот присуствуваа премиерот задолжен за спроведување на изборите Емил Димитриев, вицепремиерот Владимир Пешевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

gruevski-investitori2

 
 
27.01.2016 - 16:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега