Собранието ги усвои во прво читање законите за градење и за градежно земјиште

Собранието на Република Македонија во рамки на денешното продолжение на 85-та седница ги усвои предлог-дополнувањата на законите за градење и за градежно земјиште, и двата во прво читање.

Пратениците расправаа за Предлог – законот за урбано зеленило, во прво читање, поднесен од Лилјана Поповска, Солза Грчева, Љубица Буралиева, Роза Топузова Каревска и Павле Трајанов, но не го проследија на натамошно читање.

Лилјана Поповска рече дека овој закон обезбедува институционална заштита на градското зеленило во Македонија, правила за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита, користење и реконструкција на урбаното зеленило, како и финансирање и управување со надзор. Предвидува изработка на зелен катастар, односно попис на градското зеленило, пропишува 25 метри квдаратни зеленило по жител на ниво на град и од 10 до 30 отсто зеленило на ниво на градежна парцела. Пропишува строга заштита на сите дрвја, од јавните и приватни површини, особено дрвјата со обем на стебло над 40 сантиметри, мерено во висина од 1,3 метри од земјата.

– Овој закон е во интерес на сите граѓани и на сите партии. Во интерес на сите е зеленилото да не се претвора во градежни парцели, надвор од стандарди и од потребите на граѓаните, рече Поповска и додаде дека во изработката учествувале голем број експерти од сите профили.

Пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека набрзо Министерството за транспорт и врски ќе излезе со нов предлог-закон за урбано зеленило.

– Не се работи за едноставен закон. Тоа е закон кој е неопходен, со тоа се согласуваме. Но, во голема мера допира одредени работи во повеќе законски решенија кои веќе се во владение во Република Македонија, рече Данев. Додаде дека наскоро Министерството за транспорт и врски и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезат со конкретно решение.

Марјан Даскаловски од СДСМ смета дека овој закон е одличен и додаде оти во него се содржани сите мерки кои, како што рече, треба да ги направиме за граѓаните и од нашите најзагадени градови во Македонија да дишат почист воздух.

Според него, не е во ред што власта не прифаќа закон кој не доаѓа од нив и побара поголема заштита на животната средина.

На барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски даде пауза од еден час.

Собранието ќе продолжи со работа во 15 часот, а на дневен ред се предлог – законите за изменување на Законот за заштита од пушењето, за дополнување на Законот за административни службеници, за изменување и дополнување на Законот за буџетите, за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, како и Предло-законот за материјално обезбедување невработени лица поради приватизација на претпријатијата со општествена и државна сопственост, поднесени од група пратеници и сите во прво читање. 

 
 
25.01.2016 - 15:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега