Средба Влада- ДИК: Институциите задолжени за реализација на конкретните заклучоци

Во функција на подготовка на изборите на 24 април 2016 година, денес се одржа работна средба на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите и Државната изборна комисија.

Двете страни ја истакнаа својата посветеност и заложба за организација на фер, кредибилни и демократски избори, стои во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста.

Владата за спроведување на избори и Државната изборна комисија, согласно законските прописи и изразената волја се согласија за координирана соработка во функција на спроведување на фер, кредибилни и демократски избори, интензивна комуникација во насока на креирање на решенија за реализација на изборниот процес согласно законските прописи и дејствување во интерес на граѓаните на Република Македонија.

Владата за спроведување на изборите ја истакна својата постојана подготвеност за одговор на барањата на Државната изборна комисија и задоволување на кадровските, организациските, финансиските, техничките и сите останати потреби на Државната изборна комисија.

Државната изборна комисија ги презентираше своите активности за спроведување на изборите и обезбедување на доверба во изборниот процес, начелните акциски планови, видувањата и размислувањата по однос на изборниот процес и посветеноста на Комисијата кон организацијата на изборите.

На средбата беа изнајдени решенија за поголем број на отворени прашања кои беа претставени од страна на Државната изборна комисија, а се однесуваат на определени финансиски решенија, технички потреби, опрема, начини на обезбедување на материјали и достапност на државните институции за потребите на ДИК.

Владата за спроведување на избори веднаш ги задолжи владините институции и тела за реализација на конкретните заклучоци кои беа договорени на средбата а се однесуваат на барањата на ДИК.

Владата за спроведување на избори, водејќи се од врвниот приоритет за организација на фер, кредибилни и демократски избори, за сите активности и мерки кои се во функција на спроведување на изборите, ќе изготви соодветен преглед(матрица) кој ќе биде разгледуван на секоја владина седница како прва предточка на дневниот ред. Покрај тоа Владата и на дневна основа ќе ги задолжува владините институции, органи и тела за реализација на активностите побарани од страна на ДИК, како и сите други активности кои се значајни за организација на изборите.

Владата за спроведување на избори и Државната изборна комисија и во идниот период ќе продолжат со интензивна комуникација и соработка.

 

 
 
22.01.2016 - 16:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега